Вирусите неодамна се препознаени како важен извор на болести предизвикани со храната. Според ЕФСА, вкупниот број епидемии предизвикани со вируси од храната се зголемил од 2007 година. Во 2009 година вирусите од храната предизвикале 19 отсто од сите болести предизвикани од храната во ЕУ и поттикнале 1 000 епидемии во кои биле зафатени 8 700 луѓе.
Научните мислења на ЕФСА информираат за норо вирусите и вирусот на хепатитис А, во свежа храна и храна подготвена за јадење. Овие причинители се препознаени и од СЗО како приоритетни опасности. Исто така, ЕФСА дава податоци за вирусот на хепатитис Е, кој има голема преваленција кај свињите, а постојат докази за пренесување преку храната и покрај тоа што клиничките случаи се многу ретки.
– Превентивните мерки треба да се фокусираат на превенција во сите фази на производството на храна. Темелното готвење и загревање на храната е во моментот единствена превентивна мерка која дава резултати и со која се постигнува инактивирање на норовирусите и вирусот на хепатитис А. Месото и црниот дроб, на пример, треба темелно да испечат или сварат, за да може потрошувачите да се заштитат од вирусот на хепатитис Е, вели директорот на АХВ Бабовски.
Препораките за контрола вклучуваат обуки на вработените во бизнисите со храна за вирусната контаминација на храната. Им се препорачува на луѓето со заболен црн дроб, со намален имунитет и на трудниците да не консумираат недоволно термички третирано месо и црн дроб од диви свињи и домашни свињи.
– Вирусите може да се пренесат од човек на човек, преку храна и преку вода, кои се контаминирани со вирусите. Тие може да се најдат во секој вид на храна бидејќи храната може да се контаминира од околината во тек на подготвувањето и заради лошите хигиенски пракси. Кај луѓето норовирусот предизвикува гастроентероколитис – воспаление на желудникот и цревата. Тој е најчеста причина за заразни гастроентероколитиси во ЕУ. Вирусите на хепатитис А и Е предизвикуваат симптоми слични на грип, но исто така доведуваат до акутни болести на црниот дроб, објаснува Бабовски.
Во однос на препораките, тој посебно истакнува дека освен редовно миење раце, граѓаните треба да ги одржуваат чисти и сите работни површини и опрема што ги користат за подготовка на храната, како и да ги заштитат просторот на кујната и храната од инсекти, штетници и други животни.