Негативен е резултатот за коронавирус на лицето кое на 22-ри февруари се вратило од Италија во Струмица, а во болничка изолација е возачот на комбето со кое допатува и пациентката на која завчера во Скопје и беше потврден коронавирус.
Ова попладнево го соопшти министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата, кој рече дека возачот сам се јавил и кажал дека има симптоми на кашлица и болки во градите.
Посочи дека возачот на комбето претходно беше во домашна изолација, а пред неколку часа поради симптоми на кашлица и болки во градите кои се појавиле првпат изутрината, е спроведен со целата заштитна опрема во соба за изолација во Општата болница во Струмица.
-Земени се материјали за знализа и тие во следните часови ќе бидат изработени во лабораторија во Скопје, по што ќе ја информираме јавноста. Тој бил сам дома, немал контакти ниту со семејството и сам ја контактираше нашата служба, рече Филипче.
Посочи дека состојбата на пациентката која има коронавирус и натаму е стабилна и е во изолација на Клиниката за инфективни болести.