Астрономите открија кислород во древната галаксија „JADES-GS-z14-0“, која се формирала само 300 милиони години по Големата експлозија.

Ова откритие, постигнато со помош на вселенскиот телескоп Џејмс Веб (JWST), ги менува претходните претпоставки за брзината на формирање на ѕвезди и галаксии во раниот универзум, објави научниот портал Live Science.

Оваа галаксија, за првпат забележана во 2024 година, покажува присуство на кислород во време кога универзумот бил само два отсто од сегашната старост.

Бидејќи тешките елементи како кислородот се формираат во јадрата на ѕвездите, неговото рано присуство сугерира дека првите ѕвезди се родиле и умреле многу побрзо отколку што се мислеше.

-Бев изненаден од овие неочекувани резултати бидејќи отвораат нова перспектива за раните фази на еволуцијата на галаксиите, рече астрономот Стефано Карниани од Универзитетот во Пиза.

Истражувачите го користеле и телескопот АЛМА во Чиле за да ја анализираат оваа далечна галаксија и откриле дека содржи дури десет пати повеќе кислород од очекуваното.

Откритието покренува нови прашања за тоа како раните галаксии создале тешки елементи толку брзо.

Научниците шпекулираат дека изненадувачки брзото збогатување на универзумот со тешки елементи би можело да биде поврзано со појавата на масивни црни дупки, влијанието на ѕвездите кои умираат или мистериозната темна енергија, чија улога во еволуцијата на универзумот допрва треба да се разјасни.