Миењето на забите и четкањето со конец не е доволно за вашите заби да бидат потполно здрави. Потребно е да внимавате и на други работи, доколку сакате да го одржувате вашето орално здравје. Понекогаш се случува да правите работи за кои не знаете дека имаат негативно влијание врз оралното здравје. Затоа, отсега трудете се да ги избегнувате овие навики.

  • ПРЕСПОРО ИЛИ ПРЕЧЕСТО ЈАДЕЊЕ

Кога јадете премногу споро или премногу често, тогаш тоа може да има негативно влијание врз вашето орално здравје. По оброкот, се создава леплив забен камен кој ослободува киселини кои ги напаѓаат вашите заби. Затоа, честото јадење во текот на денот може да предизвика кариес. Истото се случува и кога јадете споро и долго. Вашите заби се „бомбардирани“ со честички од храната и вашата уста нема доволно можност да се спротистави на бактериите.

  • ШКРИПЕЊЕ СО ЗАБИТЕ

Многу луѓе не се свесни дека ја имаат оваа навика, бидејќи тоа го прават додека спијат. Сепак, шкрипењето со забите и стискањето на забите може да доведе до оштетување. Оваа навика може да предизвика прерано оштетување на забот, а исто така стискањето предизвикува главоболка или болки во вилицата.

  • НЕРЕДОВНА ПОСЕТА НА ЗАБОЛЕКАР

Препорачливо е двапати годишно да одите на преглед на заболекар, секако ако имате некои посериозни проблеми, тогаш е потребно да одите почесто. Треба да знаете дека, особено кога сакате да забремените, задолжително е да посетите заболекар. Доброто орално здравје е навистина важно во текот на бременоста.

  • СУВА УСТА

Не дозволувајте вашата уста да биде во сува состојба. Кога не ја плакнете редовно устата и не ги неутрализирате киселините, тогаш поголеми се шансите за појава на кариес. Лекарствата можат да предизвикаат сушење на устата, па затоа колку повеќе лекови пиете, толку посува ќе биде вашата уста. Ви препорачуваме да ги четкате забите почесто, да пиете многу вода и да избегнувате слатки оброци.

  • КОНСУМИРАЊЕ НА ГАЗИРАНИ СОКОВИ

Газираните сокови буквално претставуваат течни колачиња, кои содржат шеќери и киселини чие влијание е штетно за забите. Овие сокови предизвикуваат ерозија и кариес. Можете да пиете газирани сокови одвреме-навреме, но избегнувајте тоа да го правите секојдневно. Кога веќе пиете ваков сок, тогаш подобро е да го испиете одеднаш отколку да го пиете во текот на целиот ден, бидејќи така ги изложувате забите на шеќер подолго време. Исто така, некои препорачуваат пиење со сламка, бидејќи на тој начин се заштитуваат забите.