Oд 25 до 29 ноември годинава по четврти пат се одбележува Неделата на безбедна употреба на лекови #MedSafetyWeek.

Во рамки на кампањата,регулаторните тела ширум светот преку социјалните медиуми ќе учествуваат во кампања за подигање на свеста за несаканите реакции на лековите и важноста од нивно пријавување.

#MedSafetyWeek е заеднички проект на 57 регулаторни тела од целиот свет, меѓу кои и Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), која ќе учествува во годинашната кампања на социјалните медиуми и ќе укаже на важноста за пријавување на несакани реакции.

Оваа година кампањата се фокусира на полифармацијата (употребување на повеќе лекови истовремено), со јасна порака дека пријавувањето на несакани реакции при земање на повеќе лекови помага во заштитата на пациентите.

Полифармацијата се дефинира како употреба на четири или повеќе лекови на рецепт, без рецепт или традиционални хербални лекови во исто време. Полифармацијата ја зголемува веројатноста за појава на несакани реакции, како резултат на зголемениот ризик од интеракција помеѓу лековите, како и интеракција на лековите со храна или хербални производи.

Иако полифармацијата е почеста кај постарите лица, може да бидат засегнати сите кои користат повеќе лекови истовремено. Тоа особено се однесува на  пациентите со хронични заболувања, кои редовно земаат повеќе лекови. Студиите покажуваат дека една третина од луѓето над 75 години земаат најмалку шест лекови, а над еден милион луѓе дневно земаат осум или повеќе лекови истовремено, укажуваат од МАЛМЕД.

Апелираат до пациентите (вклучувајќи ги и нивните старатели), како и до здравствените работници да ги пријават сомневањата за несакани реакции преку веб страницата на МАЛМЕД или директно во Агенцијата.

– Пријавувањето помага во подобрување на  безбедноста на лековите и може да резултира со прилагодено препишување на терапија или совети за начинот на употреба и информации за следењето на ефектите од лековите. Тоа ќе доведе до подобрување во придржувањето на пациентите кон третманот со што се подобрува безбедноста на пациентите, велат од МАЛМЕД.