Во пресрет на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, 18 октомври, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) го промовираше Извештајот на тема „Трговија со луѓе и криумчарење на мигранти во Македонија“. Извештајот има за цел да ја запознае јавноста со ризиците и проблемите со кои се соочуваат бегалците и мигрантите, нивната ранливост, неопходноста од поангажиран пристап на институциите и општеството во целина. Еден од заклучоците нотирани во извештајот упатува на постоењето на подобрени капацитети на институциите за справување со криумчарењето на мигранти и трговија со луѓе, но во исто време и на недостаток на стратешки мерки кои ќе осигураат одржлив одговор на предизвиците.
Според извештајот, неопходно е да се обезбеди континуирано јакнење на капацитетите за справување со криумчарењето на мигранти и трговијата со луѓе, вклучително и прилагодување на капацитетите и инфраструктурата кои беа изградени во текот на мигрантската криза кон новонастанатите услови.
Извештајот дава препорака враќањето на странците да се врши во постапка утврдена со закон и согласно склучените договори за реадмисија, во која на странците ќе им биде овозможен пристап до правна помош и правни лекови. Овозможувањето на возрасните жртви на трговија со луѓе да го остварат правото на надомест на штета кое им следува како на жртви на кривично дело и основањето посебен фонд за оваа намена е исто така еден од неодложните чекори кои мора да се преземат.