Во пресрет на празниците учениците од Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово, донираа 280 новогодишни пакетчиња. Во соработка со хуманитарната организација „Ајде да шириме љубов“ тие ќе бидат поделени за децата од социјално ранливи семејства во општината.

Учениците од Гимназијата „Гоце Делчев“ донираа 280 новогодишни пакетчиња
„Акцијата ја организираше ученичкиот парламент на Гимназијата „Гоце Делчев“ во соработка со Хуманитарното здружение „Ајде да шириме љубов“. Донираа сите ученици, во соработка со професорите, класните раководители и сите вработени во училиштето. Задоволни сме од одѕивот и брзината со која одговоривме на повикот. Намерата беше колективно да се делува за да се предизвика насмевка кај малите дечиња“, велат од ученичкиот парламент.

Од Хуманитарното здружение „Ајде да шириме љубов“ велат дека се многу среќни поради големиот интерес за акција, и што децата ја препознале потребата да се помогне на понемоќниот. Тие денеска со учениците ќе однесат дел од пакетчињата во социјално ранливите семејства.

Здружението досега подели 116 пакетчиња и подароци во облека на деца во градот, приградските населби и селата во Куманово и Старо Нагоричане.