Утринава на една од емисиите гостуваше Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, и носител на листа на изборна единица 4, Александар Николоски кој што говореше за новата ситуација која не само што е актуелна во светот туку и во Република Македонија.
„Навистина е сериозна ситуацијата, и треба трезвено да се постапиме. За жал мислам дека се создава една доза на паника, која што не користи никому. Проблеми се решаваат во животот со трезвеност и со посветеност, а не со паника. А, во однос со власта проблемите се решаваат со работа, а не со прес конференции“, истакна Николоски.
Николоски додаде дека не сака да критикува ништо во моментов, но само би кажал дека очекува повеќе работа и посветеност, а помалку прес конференции.
„Како што очекувам да ова што и се случи на Македонија со неодговорното однесување на директорката на Клиниката, да биде сигнал за сите политички партии, дека во иднина на осетливи позиции, а особено на позиции во здравството треба да прекине праксата поставување на директори по партиска основа. Затоа што тоа се луѓе од кои што зависи нашето здравје“, нагласи Николоски.
Николоски образложи дека на Клиниките треба да бидат поставени најдобрите стручњаци. Тоа е грев на сите политички структури досега во овие 30-тина години во Република Македонија. Овој грев е и на оваа политичка структура која сега е на власт. А, тој грев сега може да биде платен и со човечки животи.