Ендоскопско отстранување на водена циста на панкреасот минатата недела е воведено на одделот за гастрентерохепатологија во Градската општа болница „8 Септември“. Со воведување на овој минимално инвазивен метод, според д-р Јусуф Вејсели, раководител на одделот за гастроентерохепатологија“ во „8 Септември“ се скратува времето за лекување и хоспитализација на пациентот, за разлика од класичната операција кога се отвора целиот стомак.
„Ова е прва ваква ендоскопска дренажа на псевдоциста на панкреас направена во Македонија, која ја направивме минатата недела. Со дуоденоскоп се влага во желудникот и преку него се заобиколува панкреасот и се влага директно во псевдоцистата и се поставува стент во цистата преку желудникот. Во рок од 24 часа преку овој стент истекува течноста од цистата која се суши и веќе не претставува проблем. Пациентот во рок од еден ден го пуштивме дома, а за шест недели треба да дојде на контрола за да го извадиме стентот“, вели д-р Вејсели.
Тој кажа дека вакви водени цисти се јавуваат предизвикани од акутен панкреатитис, и ако таа расте над пет сантиметри може да го притисне жолчниот канал и да предизвика симптоми на жолтица.
„Симптомите се гадење, повраќање, болки во желудникот, надувување на стомакот, губење на телесна тежина. Во случај премногу да нарасне и да го притисни жолчниот канал пациентот може да пожолти и тогаш е потребна итна иоперација. Годишно имаме 50 вакви пациенти и досега класично ги опериравме. Но времето за опоравување со класична операција е многу подолго, отколку ендоскопски“, вели д-р Вејсели.
За да го воведе овој нов метод во „8 Септември“, д-р Вејсели еден месец бил на субспецијализација на Клиниката за гастроентерохепатологија во Риека во Хрватска.
„Апаратура имаме, но според европските искуства овој метод е многу поуспешен со ендоскопски ултразвук, кој за жал го немаме во болницата“, вели д-р Вејсели.
По успешно отстранување на оваа циста во текот на животот таа може повторно да се појави, ако повторно има состојба на акутен панкреатит.
„Вакви состојби се јавуваат кај луѓето поради прекумерно консумирање алкохол, прекумерно користење масна храна, и тоа во големи колочини“, вели д-р Вејсели.