„Овој вирус има можност да се одржи со денови“, вели авторот на студијата, Џемс Лојд-Смит, доцент по екологија и еволутивна биологија на Универзитетот на Калифорнија, во Лос Анџелес, кој истражува како се појавуваат патогените.
Иако Светската здравствена организација претходно го процени времето на преживување на вирусот на површините на „од неколку часа до неколку дена“, засновано врз истражување на други коронавируси, ова е прва студија за тестирање на конкретниот вирус што ја предизвикува сегашната пандемија, САРС-КоВ-2, на научници од некоја сојузна лабораторија.
Студијата е во фаза на претпечатење и се очекува да биде објавена.
Интересно е што некои површини се помалку гостопримливи за САРС-КоВ-2. На пример, вирусот останува на бакарот само околу четири часа.
Корисно е да се знае колку долго тој може да остане жив, се разбира, бидејќи вирусот може да загади површини и кога некое заразено лице кива или кашла. Респираторните капки преполни со вирусот може да слетаат на рачки на врати, копчиња на лифтови, гелендери или на работни површини – и да му го пренесат вирусот на секој што ќе ги допре овие површини.
За да го тестираат времето на преживување на вирусот, научниците од лабораториите Роки Маунтин во Монтана, дел од Националниот институт за здравство, спроведоа серија експерименти споредувајќи го новиот коронавирус со вирусот САРС (сличен коронавирус што доведе до појава на епидемија во 2003).
Во лабораторијата, „тие го собирале вирусот од површините што биле загадени, а потоа го ставале во клеточни култури“, објаснува тој. Потоа истражувачите документирале дали вирусот може да ги зарази тие клетки во садот. Ова го правеле повеќе пати, за обата вируси, во различни временски периоди.
„Големата слика е дека (обата вируси) изгледаат многу слични еден на друг од аспект на нивната стабилност во овие средини“, вели Лојд-Смит.
Лојд-Смит вели дека овие наоди воспоставуваат добра приближна процена за опстанокот на вирусот на овие површини. „Во еден лабораториски експеримент, условите се прилично внимателно контролирани и постојани“, вели тој. За споредба, „во реалниот свет условите варираат“ – услови како температурата, влажноста и светлината. Значи, и опстанокот може да варира.
На пример, ако вирусот загади прозорска штица или работна површина облеани со сонце, тој може да не трае многу долго.
„Ултравиолетовата светлина може да биде навистина моќно средство за дезинфекција и од сонцето добиваме многу УВА-светлина“, вели Даниел Курицкес, експерт за заразни болести во Бригам и женска болница во Бостон. „Директната сончева светлина може да помогне брзо да се намали инфективноста на вирусите на површините“, вели тој. Тој не учествувал во новото истражување.
Сè уште многу работи се непознати за опстанокот на вирусот на други видови површини како облека или теписи. Курицкес вели дека врз основа на претходните истражувања, се чини дека „рамните површини и тврдите површини се попријателски настроени кон вирусите отколку облеката или грубите површини“.
А храната? „Храната веројатно тука не е голем фактор на ризик“, вели Курицкес. Тоа е затоа што повеќето инфекции од новиот коронавирус почнуваат кај респираторниот систем, а не кај дигестивниот тракт. Значи, инфекцијата доаѓа откако ќе го добиете вирусот на рацете, а потоа ќе си ги допрете очите, носот и устата. „Повеќе би требало да нè загрижуваат лажиците, виљушките, чиниите и чашите, кои може да ги допрат голем број луѓе во кафетеријата, на пример“, вели тој.
Значи, што може да направите за да се заштитите? Е па веројатно веќе сте го чуле ова. Мијте ги рацете. И бришете ги заедничките површини.
Следете ги овие совети за чистење на површини – и своите и јавните.
Бришете како што треба: користете производи што содржат амонијак или алкохол. Баталете ги бебешките марамчиња
„Добрата работа во врска со ковид-19 е што не се потребни некакви уникатни хемикалии за чистење за да се дезинфицираат рацете и површините“, вели Ендрју Јановски, експерт за заразни болести на Медицинската школа на Универзитетот во Вашингтон и Детската болница Сент Луис.
Вршат работа старите добри сапун и вода.
Може да користите и влажни марамчиња, но само оние со алкохол, а не бебешки марамчиња, кои може да не бидат ефикасни, вели Јановски.
А со оглед на тоа што во моментов марамчињата тешко може да се најдат во многу продавници, наместо тоа, може сами да си направите спреј со белило (попознато како варикина). Измешајте 4 лажички белило со 1 литар вода, вели американскиот Центар за контрола на болести.
Мијте. Ги. Рацете. (Сериозно!)
Да, стопати го слушнавте ова. Е па направете го веќе! Особено ако сте биле излезени во јавност, сте допреле многу површини. Намачкајте ги со сапун и тријте ги 20 секунди. (Два пати песната „Happy Birthday“, или пејте ја „Baby Shark“ – треба да стигнете до „Daddy Shark“).
И бидете темелни. Некое време тријте ја горната страна на рацете, како и долната, испреплетете ги прстите и тријте, зачистете го секој палец со другата рака и, на крај, за да ги заштитите ноктите од вирусот, благо загребете ја дланката со нив.
Миењето раце е толку важно што ако сите ја одржуваа хигиената со миење на рацете, тоа ќе спречеше приближно 1 од 5 респираторни инфекции, според ЦДЦ – што е еквивалент на околу 6 милиони случаи на грип оваа година.
Средство за дезинфекција на рацете: како да го направите сами
И средството за дезинфекција на раце е ефикасно во убивањето вируси, иако се претпочита миењето раце, според ЦДЦ. Ако немате мијалник при рака, средството за дезинфекција на раце е добар план Б – само мора да има најмалку 60% алкохол.
Со оглед на недостигот од средства за дезинфекција на рацете во некои продавници и информациите за нивно поскапување, има голем интерес за домашно направено средство за дезинфекција на раце. Објавени се многу рецепти што се состојат од комбинација на алкохол и гел од алое вера, како овој на Ваерд.
„Теоретски, ако рецептот може да ја одржи концентрацијата на алкохол над 60%, тој треба да биде ефикасен против САРС-КОВ-2“, вели Ендру Јановски, но додава дека да го направите тоа како што треба може да биде потешко отколку што мислите. Ако се сомневате во правењето на овие домашни средства, сапунот и водата остануваат најефикасни против вирусот.
Вашиот смартфон е како трета рака. Бришете го
Значи, тукушто сте ги измиле рацете и се чувствувате чисто како солза. Потоа го земате мобилниот телефон, и знаете што? Тој е покриен со потенцијални патогени.
„Студиите покажаа дека површините на смартфоните се покриени со бактерии, меѓу кои и бактерии што можат да предизвикаат сериозни инфекции како видови стафилокока“, вели Џуди Гузман-Котрил, експертка за заразни болести на Универзитетот за здравство и наука во Орегон.
А телефоните често се држат близу до очите, носот и устата, каде што бактериите можат да влезат во телото. Затоа, бришете го често.
И не мора долго да го триете телефонот ако користите средство базирано на алкохол. „Само неколку секунди се доволни за тој да се дезинфицира“, вели Јановски.
Обидете се со овој смрдлив трик за да престанете да го допирате лицето
Вашето лице има повеќе влезни точки за вирусот. Значи, секој пат кога ќе ги допрете очите, носот и устата со нечисти раце, ризикувате да се заразите.
„Ако сте допреле маса, или рачка на врата или некоја површина контаминирана (со вирусот) и потоа ги допрете очите, носот или устата, има шанса да се заразите со вирусот“, вели Курицкес.
Но повеќето од нас од навика си ги допираме лицата повеќе пати на час, дури и без да бидеме свесни за тоа.
Значи, еве една идеја. „Откако навистина добро ќе ги измиете рацете, допрете парче свеж кромид“, вели Кетрин Белинг од Фајнберговата медицинска школа на Северозападниот универзитет. Со таква силна миризба на прстите, „ќе забележите секогаш кога ќе тргнете да го допрете лицето“, вели таа. Секако, тоа може малку да ве направи лошо друштво, но може да биде добар начин да се навикнете помалку да се допирате.