Француската влада на 24 јануари ги потврди првите случаи на заразени со коронавирус. Од 1 март па се досега починаа речиси 25 000 луѓе. Соочувајќи се со ваквите поразителни статистики, една француска болница повтори тестови на стари примероци на пациенти што боледувале од пневмонија и откри дека еден од нив имал коронавирус, а се лекувал во болницата во декември минатата година.
Ив Коен, шеф на болницата во северен Париз, за телевизијата БФМ изјави дека научниците го повториле тестирањето на примероци од 24 пациенти третирани во декември и јануари, а кои биле негативни на грипот. -„Секој примерок беше повторно тестиран за да се елиминира можноста од грешка“, посочи тој.
Според него се уште е рано да се каже дали пациентот чиј тест на примерок од 27 декември бил позитивен е францускиот нулта пациент.
„Сопругата на пациентот, кој е излекуван, работела во близина на штанд со суши во близина до колеги со кинеско потекло“, рече Коен и додаде дека можно е таа да била асимптоматски носител на болеста.
„Сепак, не е познато дали овие луѓе отпатувале за Кина и тоа треба да го испитаат локалните институции“, додаде тој.