Координаторот на Ковид-центарот при Клиничка болница во Тетово, д-р Гзим Нуредини, изјави дека секојдневното зголемување на бројот на хоспитализирани и заразени со Ковид-19 во Тетово е основа да се смета дека веќе регионот е во четвртиот бран на коронавирусот. Вкупно 36 пациенти се хоспитализирани, а 31 од нив се наоѓаат на кислородна поддршка.
– Четвртиот бран веќе е почнат, има секојдневно зголемување на бројот на хоспитализирани. Бројката од 59 прегледи само во прва смена вчера ни укажува на тоа дека бранот ќе продолжи и понатаму, ќе има нови болни кои ќе треба да бидат примени на болничко лекување. Сметам дека треба да има поголеми рестрикции и пример во затворени простории да се овозможува влез на прележани и вакцинирани. Не се носат маски во затворено и посебно во верските објекти. Замислете само неколку инфицирани, а без симптоми да влезат на свадба или во верски објекти што значи тоа за ширењето на болеста, изјави д-р Нуредини.
Луѓето кои се на болничко лекување се повозрасни со хронични болести, како и со прекумерна телесна тежина. Д-р Нуредини посочи дека 90% од случаите се соочуваат со респираторни симптоми, кашлање, температура, болки во гради, мускули, покрај веќе познатата дијагностика со која се соочуваат и затоа е потребно нивно медикаментозно лекување во болница.
Од 36-те хоспитализирани, двајца се на триесетина години, додека останатите се над 65 години.