Од денеска почна дисперзија на терапијата за дел од пациентите со малигни болести од другите градови и населени места од државата, информира Министерството за здравство.
Пациентите со одредени онколошки заболувања веќе нема да патуваат во Скопје на Клиниката за онкологија и радиотерапија и својата редовна доза терапија ќе може да ја примат во најблискиот регионален онколошки центар. Распределбата на онколошката терапија за да може да се прима во регионалните центри каде што има услови за тоа се прави со цел да се заштитат овие пациенти и да не се изложуваат на дополнителен ризик.
Дисперзијата и пренасочувањето на пациентите се применува само за одредени типови карцином поради специфичноста на онколошката терапијата и потребата од посебни услови за примање. Во регионалните центри во Битола, Штип и Тетово ќе се прима супкутана и таблетарна терапија. Пациентите кои ќе бидат пренасочени во некој од овие центри претходно ќе бидат информирани од својот доктор онколог или сестра од Клиниката за онкологија во Скопје, во однос на тоа дали ќе има промени, кој е точниот термин и регионалниот центар каде ќе може да ја прими терапијата или да ги подигне таблетите. При дисперзијата во регионалните центри се следи точниот календар на примање терапија за секој пациент одделно.
Во регионалниот онколошки центар во Битола, терапија ќе може да примаат пациентите од Охрид, Струга, Ресен, Кичево, Прилеп, Македонски Брод, Демир Хисар и пациентите од селата и населените места околу овие градови.
Во онколошкиот центар во Штип се распределени пациентите од Виница, Кавадарци, Кочани, Гевгелија, Радовиш, Свети Николе, Струмица, Неготино, Делчево и Валандово, и пациентите од селата околу овие општини. Кон регионалниот центар во Тетово се приклучуваат пациентите од Гостивар и Дебар, како и селата околу овие општини.
На Клиниката за онкологија и радиотерапија во Скопје својата терапија ќе продолжат да ја примаат, покрај пациентите од Скопје, уште и од Куманово, Велес и Крива Паланка.
Со обезбедувањето побезбеден начин за примање на онколошката терапија, упатуваме апел до пациентите да ги следат препораките од својот онколог за дополнителна заштита и да не се изложуваат на непотребен ризик.