Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши вонреден инспекциски надзор во ГАК во врска со случајот со 39-годишната родилка која скокна од прозор на УК за гинекологија, информира Министерството за здравство.

– Комисијата е излезена на терен и во тек е надзорот за утврдување на фактичката состојба, велат од МЗ.

По изготвување на извештајот од страна на ДСЗИ, јавноста навремено ќе биде информирана, се додава во соопштението.

39-годишна жена скокна од први кат од Гинекологија, три дена откако се породила. По породувањето со царски рез мајката и бебето биле во добра здравствена состојба. Но, родилката во петокот се пожалила на мала вознемиреност и разговарала со клинички психолог, по што состојбата и се следела.

Во саботата била добро, а вознемирувањето и се повторило во неделата наутро, велат од Клиниката за Гинекологија. По падот, жената итно била префрлена на КАРИЛ, каде била оперирана. Од здобиените повреди, по операцијата, родилката е во тешка, живото-загрозувачка состојба, известија од Гинекологија.