Австрија, Чешка, Словачка и Унгарија планираат усогласено заедничко отворање на границите кон средината на јуни, соопшти денеска шефот на австриската дипломатија, Александер Шаленберг.
– Се согласивме да го минеме тој пат заедно и со себе да ја земеме и Унгарија, рече тој на видео конференцијата со колегите од Чешка и Словачка, Томас Петричек и Иван Корчок.
Одлуката за отворање на границите би можела да биде донесена уште следната недела, а потоа ќе биде одреден конкретен датум, вели Шаленберг во изјава за агенцијата АПА.
Тој рече дека во моментов интензивно се работи на тоа од средината на јуни да се воспостави целосна слобода на патување со Чешка, Словачка и Унгарија, како што беше и пред пандемијата на новиот коронавирус. Истовремено, тој потенцира дека е важно мерките да бидат донесени врз основа на јасни параметри за здравјето, мобилноста и безбедноста.
Шаленберг најави дека во наредните денови ќе се одржи друга видео конференција, во која ќе учествува и унгарскиот колега Питер Сијарто.