Утре, понеделник, 05.12, Здружението на лекари специјализанти во 18 часот ќе одржи панел дискусија на тема „Иднината сега“, настан кој се организира со цел да се задржат младите лекари во државава. Оваа реченица е испишана на флаерот кој е изготвен од страна на Здружението на лекари специјализанти во врска со утрешниот настан. На настанот учество ќе земат министерот за здравство Беким Сали, поранешниот министер Венко Филипче, премиерот Димитар Ковачевски итн.

– На панел дискусијата ќе се говори за план и стратегија за задржување на младите лекари во земјата. Учесниците ќе имаат шанса да поставуваат прашања до панелистите, со цел да се слушне гласот на младиот лекар, соопштуваат од Здружението.

Планираниот настан предизвика реакции кај лекарската фела, бидејќи како што посочуваат дел од нив на социјалните мрежи, на истиот ќе може да се слушнат само едни мислења или поканети се лекари кои се или биле на функции само во период кога на власт е СДСМ.

Од Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ исто така реагираат бидејќи како што се вели во нивната денешна објава на официјалната фејсбук страна, Владата на ДУИ и СДСМ веќе пет години им даваат празни ветувања и ги манипулираат младите специјализанти, водејќи нула грижа за нив.

– Доказ за тоа дека толку се грижат за младите доктори и медицинскиот кадар е тоа што следејќи ги огласите за вработување и ангажирање по било кој основ во секоја установа поединечно увидовме дека во изминатиов период (од неколку месеци) речиси и да нема вработено доктор воопшто во јавното здравство, стои во нивната објава.

Тие прашуваат и „дали е точно дека за овој период согласно информациите од здравствените установи има вработено околу 300 лица во јавното здравство и колку од нив се доктори, a колку администрација?“ и „зошто нашите млади лекари не се испраќаат на доедукации во европските медицински центри?“.

– Повеќе од јасно е зошто на секој млад доктор не му беше дозволено да присуствува на таканаречената панел дискусија, одговорот е за да не им бидат поставени прашања чии одговори на младите доктори им се добро познати, заклучува дел од здравствената фела.

Во врска со панелот реагираше и доктор Игор Николов. Тој на социјалните мрежи напиша:

– Само селектирани лекари специјализанти ќе биделе на панел дискусијата. Да не праша или каже некој нешто што не треба… Среќна Нова 49“.