Речиси 5.000 деца од Скопје (4.991) ја пропуштиле вакцинацијата за пертусис (голема кашлица), согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, соопштија од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Од нив, информираат од таму, во последниот период се вакцинирани 982 деца, пишува новинската агенција Мета.
Од овие што се вакцинирале во последниот период, најголем дел (40%) примиле прва ревакцина.
До сега, опфатот на вакцината против пертусис севкупно земено е 4.036 деца, од кои најголем дел примиле прва, втора или трета доза на првична вакцинација.
Од институтот велат дкеа согласно препораките од Комисијата за заразни болести, од 18 јануари наваму сите вакциналните пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат пребарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, за да се повикаат и имунизираат.
Најмногу случаи во Скопје, на возраст од 10 до 19 години
Во меѓувреме, во периодот од 9 до 15 февруари пријавени се 17 нови случаи на голема кашлица. Сите пријавени случаи се од Скопје, а најголем број на случаи се од возрасната група од 10 до 19 години. Од новите 17 случаи, 5 се хоспитализирани.
„Од 1 јануари годинава, заклучно со 15 февруари, во државата се регистрирани вкупно 39 случаи на голема кашлица. Тоа е неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос изминатиот период (2019-2022 година), кога се регистрирани вкупно 9 случаи“, соопштуваат од институтот.
Ако се земе предвид местото на живеење, најмногу од заразените се од Скопје 33 и тоа од девет различни скопски општини. Од останатите шестмина, 3 се од Куманово, 2 од Гостивар и еден од Боговиње.
Околу 64 отсто од оние што се заболени, се невакцинирани или се некомплетно вакцинирани согласно Календарот за имунизација.
„Десет случаи се комплетно вакцинирани за возраста, за четири случаи вакциналниот статус е непознат“, велат од ИЈЗ.
Повеќе од половина од заболените (54 отсто) се хоспитализирани, а најголем дел од нив 76 отсто се на возраст до 4 години.
Првиот случај во земјава беше регистриран на 5 јануари. Само во последните 7 дена се пријавени 17 нови случаи, со зголемување од 21 отсто во однос на претходниот неделен период за пријавување.
Од Комисијата вчера препорачаа забрана за прием и упис на деца кои не се вакцинирани за пертусис во градинките. Фокусот е на заштита на најмалите, кај кои оваа болест може да биде и е практично најтешка. Комисијата очекува овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација.
Во Србија и во Црна Гора има голем број заболени
Болеста голема кашлица зема замав и во земјите во регионот. Во Црна Гора, заклучно со денеска се евидентирани 635 заболени. Во Србија само во првите месец и половина од 2024 година се регистрирани 400 нови случаи, а во текот на целата 2023 година имало над 1.300 случаи. Евидентирани и пет смртни случаи. Во Бугарија, пак, за месец и половина се регистрирани 9 нови случаи, а во минатата 2023 година имало 26. Косовските и албанските власти, досега не известиле за случаи на голема кашлица во нивните земји, а иста е и ситуацијата во Грција.
Сите здравствени власти повикуваат на вакцинација како најважно и единствено решение за заштита од тешка клиничка слика на болеста.
Болеста голема кашлица кај нас беше речиси истребена, но поради неажурноста на родителите и антиваксерските движења се враќа на голема врата.
Големата кашлица (пертусис) е всушност бактериска инфекција на белите дробови и дишните патишта. Многу бргу и лесно се шири и може да предизвика сериозни компликации. Исклучително е важно бебињата и децата да се вакцинираат.
Првите знаци на голема кашлица се слични на настинка, како што се течење на носот и болки во грлото (високата температура е невообичаена).
По околу една недела започнуваат напади на кашлање кои траат неколку минути и се влошуваат во текот на ноќта. Карактеристично е отежнато дишење помеѓу искашлувањето. Можно е по напад на кашлање бебињата да добијат сина или сива боја на лицето. Може да предизвика густа слуз што тера на повраќање, може да се појави и црвенило на лицето (почеста кај возрасните). Кашлицата може да трае неколку недели или месеци.