Обуките за прва помош на Мила, Петар и Ведран им помогнаа да спасат човечки живот во градски автобус во Скопје. Основците од Кочо Рацин вчера попладне кога се враќале од вежби во Црвениот Крст во автобусот на ЈСП забележале како му се слошило на повозрасен маж кој седел во нивна близина. Човекот почнал да се тересе а тие веднаш притрчале на помош.
-Ова ми беше прв пат во реалниот живот. Не беше очекувано. Така најчесто се случува. Имав помош и од Петар и од Ведран и заедно успеавме да спасиме живот и со другите патници во авттобусот кои го придржаа човекот да не падне, изјави Мила Коцевска, ученичка во ОУ Кочо Рацин во Скопје.
-На другите луѓе кои беа во автобусот им кажавме кои работи не треба да се прават, а кои да ги прават, изјави Петар Тодоровски, ученик во ОУ Кочо Рацин во Скопје.
-Се исплатеше тоа што одевме 2 години во Црвен Крст ,стварно ми помогна во секојдневниот живот и сите луѓе треба да ги знаат сите работи за прва помош, изјави Ведран Лауренчиќ, ученик во ОУ Кочо Рацин во Скопје.
По укажаната прва помош патникот од автобусот со лекарска екипа бил префрлен во болница, а тинејџерите биле пофалени од сите очевидци на немилиот настан.
Овој хуман подвиг на основците покажува колку се важни обуките за прва помош. Од Црвениот крст се категорични дека секој треба да знае да помогне во одредена ситуација. Апелираат до надлежните институции барем за возачкиот испит да се помине курсот, а не само да се купи потврдата.
-Навистина треба да се обрне поголемо внимание. Обуките ад бидат на највисоко ниво. Аномалиите да се отстранатмногу брзо зошто навистина не знаеме што носи секојневието, а тоа значи и спасување на човечки животи, изјави Сузана Тунева Пауновска, Секретар во Црвен Крст на град Скопје.
Младите херои од автобусот со број 57 ги запознавме додека со другарите и инструкторот вежбаа прва помош подготвувајќи се за општинскиот натпревар во сабота на Водно.