Пандемијата наречена Ковид-19 ги зафати сите светски региони, бројот на новозаразени руши рекорди

Бројот на новозаразени во текот на едно деноноќие го достигна својот рекорд во речиси 40 држави во текот на минатата недела. Со ова анализата спроведена од страна на Ројтерс покажува…

Бројот на новозаразени во текот на едно деноноќие го достигна својот рекорд во речиси 40 држави во текот на минатата недела. Со ова анализата спроведена од страна на Ројтерс покажува дека пандемијата ги зафатила сите светски региони. Стапката на заразени не е зголемена само во државите како САД, Бразил и Индија, кои честопати се наведуваат како најпогодени, туку и во Австралија, Јапонија, Хонг Конг, Боливија, Судан, Етиопија, Бугарија, Белгија, Узбекистан и Израел.

Многу држави, особено оние каде властите порано ги олеснија мерките на физичко растојание, се соочуваат со втор бран на вирусот, откако помина повеќе од еден месец од првиот бран.

– Нема да се вратиме во старата нормала. Пандемијата веќе го смени начинот на кој живееме, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус оваа недела. Ги повикуваме сите луѓе да ги преиспитаат своите одлуки за тоа каде одат, што прават и со кого се среќаваат како одлуки за живот и смрт – затоа што тие се токму тоа, предупреди тој.

Податоците на Ројтерс, собрани од официјални извештаи, покажуваат постојан пораст на бројот на земји кои пријавуваат рекордно дневно зголемување на бројот на заразени со коронавирусот. Најмалку седум држави пријавиле вакво зголемување пред три недели, најмалку 23 земји пред две недели, најмалку 20 пред една недела, а најмалку 37 земји оваа недела.

Здравствените експерти посочуваат дека точниот број на новозаразени и починати не секогаш се пријавуваат, особено во земјите со лоша здравствена заштита. Зголемувањето на бројот на заразени обично претходи на зголемување на бројот на смртни случаи за неколку недели.

На врвот по бројот на заразени се САД, каде викендов во таа земја се надмина бројот од четири милиони дијагностицирани и повеќе од 1 000 смртни случаи веќе четврти ден по ред. Бразил и Индија, за кои епидемиолозите велат дека неколку месеци се на врвот на епидемијата – надминаа милион случаи на заразени.

Во Австралија, по повторното појавување на заразата, властите воведоа делумен шестнеделен карантин и задолжително носење заштитни маски за жителите на Мелбурн, вториот по големина град во земјата. И во Јапонија предупредуваат на зголемување на заразените меѓу младите луѓе, од кои многумина го прославија крајот на мерките во барови и на забави.

Во Мексико, каде исто така беше објавен дневен рекорд на ново-заразени, оваа недела е четврта земја по број на починати во светот. Во Шпанија исто така е забележано ново дневно рекордно зголемување на бројот на заразени. Иста е состојбата и со Кенија и тоа по само две седмици откако беа олеснети мерките. На Блискиот исток, Оман, откако соопштија за рекорден број ново-заболени случаи, во саботата воведоа нови ограничувања кои ќе се совпаднат со исламскиот празник Курбан Бајрам.


Related Articles