Кинеските здравствени власти предупредија дека главниот град Пекинг се соочува со нов, силен бран на случаи на Ковид-19, а истото се случува и во голем дел од земјата, јави ДПА. На училиштата во некои делови од земјата им е кажано да преземат мерки на претпазливост.
Водечкиот кинески епидемиолог Жонг Наншан очекува околу 65 милиони нови случаи на коронавирус неделно на крајот на јуни, кога очекува бранот да го достигне врвот, јавуваат државните медиуми. Жонг проценува дека сега има околу 40 милиони случаи неделно.
Експертите сметаат дека меѓу 80 и 90 отсто од сите 1,4 милијарди Кинези биле заразени во бранот на коронавирус во декември и јануари, но нивото на имунитетот сега се смета дека е намалено.
Сè уште нема официјални податоци за бројот на починати од вирусот во текот на зимата. Според проценките на странските експерти оваа бројка изнесува околу еден милион починати. Властите во средата го одложија редовното објавување на бројките за смртност за четвртиот квартал од 2022 година. Крематориумите во тоа време не можеа да се справат со мртвите.
После три години, во декември Кина ненадејно се откажа од својата претходно строга стратегија за нулта-Ковид. Болниците беа лошо подготвени за последиците, посочува ДПА.
Инфективен бран сличен на минатиот овој пат не се очекува, но здравствените власти предупредуваат дека во особена опасност се старите и болните.