Македонија под вршник. Од вчера во земјава започна портокалова фаза за опасност од високи температури. Во наредните неколку дена под влијание на екстремно топол и спарен афрички бран, температурите ќе се искачат преку 40 степени под сенка, а во југоисточните делови на Македонија и повеќе.
Температурата во текот на денот ќе се движи од 31 до 42 степена. УВ-индексот ќе биде висок и ќе изнесува 9.
Во Скопје исто сончево и многу топло. Температурата ќе се движи од 20 степени наутро до 40 во текот на денот.
Во недела во попладневните часови во западните делови ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи.
До крајот на следната работна седмица ќе биде активирано портокаловото ниво за опасност од високи температури.
Оттаму Владата на вчерашната онлајн седница по добиената информација за високите температури во коишто се наоѓа државата, усвои неколку препораки, мерки и превенција за заштита. Од работни обврски се ослободуваат бремените жени и лица на возраст над 60 години во период од 12.07.2024 година (петок) до 18.07.2024 година (четврток).
Исто така во истиот период, работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 часот до 17 часот.
Воедно, на владина седница се донесе одлука за детските градинки да не се практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во период од 11 часот до 17 часот.