Претседателот, Стево Пендаровски, преку видео врска оствари разговор со директорката и со дел од вработените медицински лица на Инфективната клиника во Скопје.
Претседателот беше информиран за моменталната состојба на Инфективната клиника, за бројката на пациенти и нивната здравствена состојба, како и за сместувачките капацитети на оваа институција и за расположливиот медицински персонал.
„Вашата мотивираност, посветеност и пред се, професионалност со која секојдневно ги извршувате обврските во оваа здравствена криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, кај мене и верувам кај сите наши граѓани буди чувство на сигурност и смиреност. Ве охрабрувам да продолжите со исто темпо и пожртвуваност да се грижите за пациентите и во што поголем број целосно оздравени да ги испраќате дома кај нивните најблиски. Издржете во оваа битка, сите сме со вас“, им порача претседателот.
Вработените во Инфективната клиника го запознаа Пендаровски за високите ризици коишто ги носи нивната работа и за расположливата опрема за докторите и медицинско-техничкиот персонал на Клиниката, како неопходност и потреба во нивниот ангажман.
Тие посочија дека имаат доволно средства и дека нивната клиника е редовно снабдувана, а целиот персонал е ангажиран максимално посветено, применувајќи ги сите мерки на заштита и строго придржувајќи се кон препораките на СЗО. Претседателот Пендаровски им оддаде признание во битката со опасниот вирус бидејќи тие се првите во линијата на одбраната, на што вработените на Инфективната клиника рекоа дека се свесни за ризикот, кој е составен дел од нивната професија и уверија дека сите заеднички ќе се справиме со ова, бидејќи навремено е реагирано.
Претседателот со соговорниците од Инфективната клиника разговараа и за личните предизвици на медицинските лица, за психо-физичкиот замор, за притисокот што го предизвикува изложувањето на висок ризик, како и за поддршката од нивните најблиски и начинот на функционирање во нивните семејства. Тој им порача на вработените на Инфективната клиника да опстојат на високите професионални стандарди, да се чуваат себе си и да ги чуваат и се грижат за пациентите, за здравјето на нашите граѓани. Претседателот за време на разговорот изрази благодарност за вложувањето, посветеноста, храброста и безрезервното ивршување на должноста.
Во разговорот, претседателот Пендаровски и вработените медицински лица на Инфективната клиника во Скопје упатија заедничка порака до сите наши граѓани за почитување на мерките и препораките, бидејќи тие се за сечие добро и дека тоа е единствениот начин за побрзо да ја надминеме оваа криза.
Пендаровски преку видео врска разговараше со директорката на Инфективната клиника, д-р Милена Стевановиќ, со организациската директорка, Мирјана Пехчевска Попилиева, со д-р Илир Демири, со д-р Љубица Мичуновиќ, анестезиолог и со Марина Христова, медицинска сестра на Инфективната клиника.