Апели за парична помош за лекување на деца, но и на возрасни пациенти, сѐ почесто се појавуваат во јавноста со барање да се донираат средства. Во еден од последните апели кој пред неколку дена беше објавен во дел од медиумите и на социјалните мрежи пишува дека кај 15-годишната С. Н. од Охрид е дијагностициран малиген тумор „Anemija Plastica“, кој ја напаѓа коскената срж и не дозволува правилна регенерација на крвта во организмот.

„Во најкраток рок на Сара треба да ѝ се изврши трансплантација на коскена срж, што, според нејзиното семејство, е единствена можност за целосно излекување и враќање во нормален живот на девојчето. Единствен сроден донор е нејзиниот две години помал брат. Зафатот и лекувањето чинат 200.000 евра во специјализирана детска болница во Германија, која нуди висока успешност, со низок ризик“, пишува во апелот за помош од семејството.

Зошто пациентката не се упатува на лекување во странство на товар на Фондот за здравство?

– До ФЗОМ сѐ уште не е доставено барање за лекување во странство на оваа пациентка – ни изјавија од Фондот, од каде во минатата година биле одобрени 219 вакви барања.

Првично биле одбиени 91 пациент, а на 28 од нив, откако се пожалиле на Второстепена комисија, им било одобрено лекувањето во странство, додека 63 барања од пациенти биле отфрлени како неосновани.

Осигурениците на Фондот кои се незадоволни од одлуката на фондовската комисија и чии барања се одбиени, поради тоа што не биле исцрпени можностите за лекување во постојните здравствени установи во земјата, или поради тоа што не постоеле можности за успешно лекување во странство, имаат право да поднесат жалба до второстепениот орган, односно до Управниот одбор на Фондот за здравство.

Пресадување од сроден донор на Хематологија – рутинско кај постари од 14 години

За овој случај од Универзитетската Клиника за хематологија тврдат дека „и во овој момент во оваа установа постојат сите услови за спроведување на оваа тераписка процедура кај оваа пациентка“.

– Последните неколку дена јавните гласила и социјалните мрежи известуваат за спроведување хуманитарна акција со која се прави обид да се обезбедат над 200.000 евра со кои се планира лекување во Германија на 15-годишна пациентка од Охрид која боледува од anemia aplastica. Ја изразуваме нашата огромна почит за граѓаните кои сочувствуваат со пациентката и нејзиното семејство и несебично помагаат овие средства да бидат обезбедени. Во исто време, во името на стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиниката за хематологија – Скопје, сакаме да ја известимe целокупната македонска јавност дека дијагностичката постапка за оваа пациентка беше спроведена на нашата Клиника – велат од оваа установа.

– Постапката за пресадување на коскена срцевина од сроден донор, кој претставува тераписки избор за оваа пациентка, е процедура која рутински се спроведува кај пациенти постари од 14 години на нашата Клиника од 2000 година со исклучителен успех, според најсовремени европски и светски утврдени стандарди. На Клиниката и во овој момент постојат сите услови за спроведување на оваа тераписка процедура кај оваа пациентка. Фондот за здравство комплетно го покрива трошокот за сите свои осигуреници на кој им е неопходно лекување со трансплантација на коскена срцевина – велат од Клиниката и нагласуваат дека „конзилијарно барање, според правилникот на ФЗОМ, стручниот колегиум на нашата Клиника може да издаде само за дијагностичка или тераписка постапка која не може да се спроведе во нашата земја.