Состојбата со голема кашлица не е добра, а за тоа причината е поразителниот факт дека половина од децата во градинките не биле вакцинирани, изјави претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски. Токму поради тоа во ризик сега се и учениците и возрасните, рече Александра Грозданова од Националниот комитет за имунизација. Петличковски додаде дека во регионот се разгорува „пожар“ од морбили и дека поради лошата вакцинална слика во земјава можно е во наредните денови комисијата да предложи и построги мерки.
Децата со завршена примо имунизација, односно три дози вакцина, задолжително ќе се ревакцинираат најрано по шест месеци, рече Грозданова и додаде дека трите вакцини примени во последните 6 месеци даваат оптимална заштита но дека не се сосема доволни за имунолошки одговор на организмот и апелира до родителите да ги имунизираат децата против заразните болести.
Доктор Петличковски објасни дека децата со три дози се враќаат во „колосек“, односно во градинките, зашто кај дел од нив можело да има и оправдани причини за доцнењето во вакциналниот календар во времето на ковид пандемијата или заради други здравствени причини.
Тој рече дека не може да каже кога Министерството за здравство ќе достави известување до градинките, но може да се очекува тоа да биде денеска или во следните денови.
„Деца кои примиле три вакцини во последните шест месеци и сега им следи ревакцина, која во стандардниот календар беше препорачано да се прима на една година, сега го кратиме тој период на шест месеци. Овие деца кои ја завршиле примовакциналната серија во овие шест месеци треба да им биде дозволено да влезат со напомена дека оваа вакцина треба да ја примат после шест месеци најрано од примањето на третата доза“, рече д-р Петличковски.
Не постојат потврди за времена спреченост за вакцинација, додаде тој, и нагласи дека такви уверенија не смее да се издаваат ниту да се прифатат, зашто, како што нагласи, можат само да постојат уверенија за трајна спреченост кај деца со специфични здравствени проблеми.
Петличковски информира дека само во Скопје има над 170 деца и возрасни со голема кашлица и над 200 во државата со очекување дека тој број ќе расте.