Од Министерството за здравство посочуваат дека кај 7 пациенти е детектирана индиската варијанта на коронавирусот, попозната како делта сој. Тие порачуваат дека вакцинацијата е единствен начин да се спречи ширењето на делта сојот во земјава, а со тоа да се спречи и евентуален нов силен бран на вирусот.

– По детектирањето на 7 пациенти кај кои е утврдено присуство на индиската варијанта, се испостави дека истите не биле вакцинирани, што уште еднаш го потврдува фактот колку е потребно граѓаните што побрзо да се вакцинираат. Делта сојот е присутен во околу 100 земји во светот, оттука ние како држава не може да бидеме изземени тој да се рашири и кај нас. Состојбата во нашата земја, гледано од епидемиолошки аспект засега е мирна, секојдневно се следи ситуацијата и се прават анализи на истата. Сепак, делта сојот има висока трансибилност, оттука важно е граѓаните масовно да се вакцинираат, порачуваат од Министерството.

Од МЗ велат дека сите вакцини кои ги има кај нас се безбедни признаени од СЗО и националните институти на земјите што ги произведуваат.

– Секоја вакцина е ефикасна и штити од тешка форма на болеста, компликации или смртен исход. Министерството за здравство апелира до граѓаните дека е важно да спрoведеме брза и ефиксна вакцинација, затоа упатуваме апел и повик до сите граѓани кои досега не се пријавиле за вакцинација или се двоумат, што побрзо да се вакцинираат. Вакцините се безбедни, ефикасни и единствен начин да ја одржиме состојбата стабилна. Веќе од понеделник 12 јули, вакцинацијата во државата ќе се одвива и без закажан термин, а ќе започне и теренската вакцинација така што вакцините ќе бидат достапни до секого и секаде, порачуваат од Министерството за здравство.