Во ГОБ „8-ми Септември“ беа пуштени во употреба три нови сали за интервентна кардиологија и радиологија. Салите се опремени со најсовремена апаратура која, освен за кардиолошките, ќе може да се користи и за пациентите од други оддели.

Премиерот Ковачевски кој присуствуваше на пуштањето на салите, истакна дека и покрај сите предизвици од економската и енергетската криза, обновувањето на здравствените капацитети не престанува. Според него, се создаваат услови за најсовремени интервенции за пацентите ширум државата, а фокусот на Владата е да создаде модерно здравство.

– Пуштаме во употреба најсовремена опрема во три сали за интервентна кардиологија и радиологија со десет апарати. Се работи за најсовремена опрема, еден дел од апаратурата е прв пат тука инсталирана во држава и не постои во ниту една друга јавна здравствена установа, а помага и за кардиолошки пациенти и за пациенти од други оддели, напомена Ковачевски.

Министерот за здравство Фатмир Меџити оцени дека со трите нови сали се создадени услови за интервентни кардиолошки и радиолошки процедури кои во исто време може да се практикуваат на повеќе пациенти.

– Заедно со премиерот ги видовме трите сали за кардилогија и интервентна радиологија опремени со нови ангиографи. Со ова се создадени услови за интервентни кардиолошки и радиолошки процедури кои во исто време може да се практикуваат на повеќе пациенти, истакна министерот.

Директорот на ГОБ „8-ми Септември“ Христијан Костов рече дека со новата опрема ќе се намали времето на чекање за правење коронарографии, каротидографии и стентирања.