Заминувањето на лекарите од државава што води кон тоа да немаат каде да одат граѓаните на лекар очигледно не ги засега надлежните. Откако крајот на март лекарите се заканија со штрајк во наредните неколку месеци оствариле шест средби со министерот за здравство Венко Филипче, но без никаков одговор, информираат од Здружението на приватни лекари. Главното барање е лиценца за работа да се дава на приватните здравствени установи, наместо на носителот на дејност, т.е. докторот, како што сега е случај.

Проблемот е огромен посебно кога станува збор за помалите места, лекари заминуваат нема кој да ги замени. А и да има, прво мора да чека да заврши долгата административна процедура, некој друг лекар да ја превземе концесијата и да ги добие сите правни дозволи. Колку за илустрација концесионерот во одделот гинекологија во Велес заминал во пензија, а истиот имал околу седум илјади жени пациенти. Тие сега практично немаат каде да одат бидејќи другиот доктор ја има добиено само концесијата, но ги нема завршено сите правни процедури во министерството за здравство и не може да стартува со работа. Значи ако ова се случува во Велес, што може да се очекува во руралните средини каде не може да се најде лекар ако некој замине во пензија.

– Доколку навистина сакате да се реши овој проблем, кој не задира во финансиите и исклучиво се решава со измени на закон, може веднаш да го решите – се вели во дописот од Здружението упатено до министерот Филипче.

И сето ова што го бараат лекарите е ветено во програмата на СДСМ.

– Матичните пациенти ќе се регистрираат на ординации, не како до сега на доктори. Доколку матичната ординација регистрира пациенти над одредена квота, за тие пациенти нема да се исплаќа воопшто капитација, се додека не се прими втор доктор, за кој што ќе има пропишана минимална загарантирана плата за општ лекар. Покачување на капитациониот бод на матичните доктори на 90 денари, се вели во програмата на СДСМ. Инаку сега матичните доктори добиваат 55 денари по пациент или толку е капитациониот бод.