Платите во Македонија растат само на хартија и граѓаните тоа наводно зголемување никако да го почувствуваат. Министерот за финансии Драган Тевдовски се правда дека прават се што можат и тврди дека ги стимулираат фирмите да исплаќаат повисока плата.
Тој смета дека е доволно што просечната плата во март е зголемена за 5,6% во споредба со истиот период лани, а за 5% е зголемена во првите три месеци од годинава во споредба со периодот од 2017.
Прашан министерот кога ваквото зголемување навистина ќе го почувствуваат граѓаните. Тој одговори дека сега било важно што растот на платите било предизвикано кај работниците со најниски плати – во индустриите текстил, облека и кожа, без конкретно да прецизира од кога.
- Свесни сме дека во Македонија платите треба да бидат повисоки. Имаме сериозни мерки за поддршка со цел платите да растат а фирмите да ја зголемуваат продуктивноста. Нашата цел е луѓето да бидат вработени, а мерките да не предизвикаат спротивен ефект, вели Тевдовски.
Дека во наредниот период нема да има плата од 500 евра, потврди министерот. На новинарско прашање, министерот рече дека граѓаните ќе бидат сведоци на тоа, но ќе мора да почекаат неколку години, односно кога ќе им заврши мандатот.
Освен недоволно високите плати, граѓаните од оваа година имаат и зголемени трошоци. Мака мачат со порастот на акцизата поради која плаќаат поскапи горива. Семејниот буџет требаше да се подобри и со повратот на ДДВ кој го најавуваше Владата, но досега не го реализираше.
Нема ниту 100.000 денари специјалистичка плата во здравството, а посиромашни ќе бидат и земјоделците. Од максималистичките ветувања, се реализира само минимално, но затоа максимално се спроведува она што не се најави, како на пример – поскапата акциза за нафтата, која сега на голема врата тропа во речиси секој дом.