Иако во јавноста се смета дека срцевиот удар е „машка болест“, според светската статистика, повеќе жени ќе починат од срцев и мозочен удар отколку мажи.

Универзитетската клиника за кардиологија во цел на одбележување на Светскиот ден на срцето, организира серија на настани кои отпочнуваат на денот на срцето – 29 септември 2019 година, ќе продолжат во текот на 2019 и почетокот на 2020 година, и ќе финишираат на 1 Февруари 2020 година на денот на одбележување на женското срцево здравје.

Мотото на овогодинешната акција е “Црвен аларм за женското срцево здравје”.

Целна популација се жените во работоспособна возраст, до 65 години со недокажана кардиоваскуларна болест. Целта е кардиоваскуларен скрининг на оваа условно кажано здрава популација.

Оваа година, Универзитетската клиника за кардиологија активностите ги изведува партнерски со Здружението на матични и лекари по семејна медицина и Центарот за Семејна медицина. Во промотивните активности се приклучува и Здружението на пациенти со кардиоваскуларни болести “Здрава иднина”.

Поддржувач на акцијата е Елизабета Ѓеоргиевска, сопруга на Претседателот на државата, Стево Пендаровски.

На 29 октомври 2019 година со почеток во 20 часот во Ресторанот “Воденица” ќе се одржи централниот настан на најавување на акцијата, со пригодна програма насочена за јакнење на свеста за женското кардиоваскуларно здравје.

Во текот на ноември и декември 2019 и јануари 2020 година, одбрани матични и семејни лекари од територијата на град Скопје ќе вршат кардиоваскуларен скрининг на жените без докажана КВ болест. Жените со среден и висок ризик ќе бидат упатувани на превентивни кардиолошки прегледи на УК за кардиологија. Резултатите од кардиоваскуларниот скрининг ќе бидат презентирани пред стручната јавност и публикувани во медицинските и електронските медиуми.  Акцијата е организирана со цел да ја зајакне врската меѓу трите основни алки кои го чинат синџирот неопходен за успешна и навремена кардиоваскуларна превенција: пациентите, матичните и семејни лекари и кардиолозите.

Организатори на акцијата “Црвен аларм за женското срцево здравје” се Универзитетска клиника за кардиологија, Здружението на матични и семејни лекари и Центарот за семејна медицина.