Во текот на денешнот ден во Скопје 10 годишно дете на точак било прегазено на паркинг. Возачот треба да одговара, дефинитивно, но после еден ваков случај, одговорен градоначалник и градска власт би дале налог до своите сектори да испитаат дали во околината на случајот има безбедни велосипедски патеки, дали има безбедни места (вело-полигони, паркови, јавни простори) каде децата можат да учат да возат точак и да практикуваат негово возење или паркинзите им се единствениот простор кој градот им го обезбедува и во каков град живееме, реагираат од здружението „На точак”.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

„Дури и ни се најавуваат нови поврзувања за автомобили, а не се обезбедени ни минимални за пешаци и велосипеди на постоечките улици… До кога со погрешни приоритети? Скопје е претворено во еден огромен автопат и автомобилски паркинг. Нема да запре лудилово на прегазување деца додека не се променат политиките. Искрено се надеваме дека детето ќе биде добро…Ги предупредуваме градските и општинските власти дека ваквите случаи нема да престанат додека сериозно не се зафатат со безбедноста во сообраќајот како тема и обезбедување примарно инфраструктура за ранливите учесници во сообраќајот”, се вели во реакцијата на здружението објавена на социјалните мрежи.

Во Њујорк се случува сообраќаен судир во кој животот го губи дете. По тој повод се огласува градоначалникот на Њујорк, велат од здружението и додаваат:

Еве неколку разлики кои ги пронајдовме ние:

-Медиумите известуваат дека детето е УБИЕНО од возач на возило во сообраќајка, не дека настрадало во несреќа (врз која имале влијание виши сили).

-Градоначалникот на Њујорк ја известува јавноста дека возачот е во притвор и случајот се истражува. Иако е тоа директна работа на полицијата, како Градоначалник една од одговорностите му е безбедноста во сообраќајот, па се чувствува повикан да се огласи пред јавноста, место да се крие.

-Градоначалникот е свесен дека и инфраструктурата има влијание на безбедноста, па соопштува дека претходно работеле на побезбеден дизајн на овој булевар.

-Градоначалникот признава дека штом се случил ваков случај, може да се направи уште повеќе и го задолжува Секторот за сообраќај да разгледа што уште може да се направи за северниот булевар да биде што побезбеден.

Затоа Њујорк бележи пад во сообраќајните убиства.

„Кога нашите градоначалници и сектори за сообраќај ќе сфатат дека инфраструктурата или предизвикува безбедност или небезбедност, дека не е само до личната одговорност на учесниците во сообраќајот, туку и до тоа како тие планираат? Кога новинарите ќе престанат да го користат терминот “несреќи” за нешто повлијаено од човечкото однесување и дизајнот на инфраструктурата?”, велат од здружението „На точак“.