Здравствената состојба на 14 – месечното новороденче, кое на 7 јули е примено со сериозни повреди на главата е релативно стабилизирана, не е на апарати за дишење и сакаме да почнеме и со негово хранење, изјави денеска доктор Маја Мојсова, раководител на Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ.
Посочи дека откако било примено бебето направена му е компјутерска томографија, инвестигација со смисла на рендгенски снимки на коски и констатирани се повреди на мозокот, фрактури на черепот и на потколениците.
– Некои од повредите се од старо потекло. Донесено е во коматозна состојба. Направени се сите инвестигации и проследена е терапијата. Доколку во наредните 48 часа има подобрување ќе биде префрлено на Детска хирургија. Веројатно се работи за повреди од човечка природа и било повредувано неколку пати, додаде доктор Мојсова.
Додаде дека мајката не е со бебето, синоќа го презеле социјалните служби и му е одреден старател со кој комуницираат.
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски изјави дека во соработка со другите институции работат на целосно расчистување на случајот и откако ќе биде расчистен ќе ги информираат соодветно обвинителството и јавноста.