Упорните и здодевни вагинални инфекции се една од најчестите причини за посета на лекар (гинеколог) кај женската популација.
Вагинални инфекци најчесто се предизвикани од бактерии или габички и традиционално се лечат со антибиотици и антимикотици. Сепак имајќи ја во предвид се поголемата антимикробна резистенција како и појавата на чести рецидиви што резултира со претерување со антимикробните терапии кои имаат и штетни дејства потребно е подетално да ги анализираме причините за појавата на овие инфекции. Во основата на најголем број на вагиналните инфекции стои нарушување на нормалната вагинална микрoфлора, развој на патогени и покачување на pH средината над 4.5. Ова најчесто се случува при пад на имунитетот (менструален циклус, бременост, дијабет), менопауза, несоодветна исхрана богата со шеќери, консумација на кисела храна, пушење и алкохол. Други причинители за дисбаланс на вагиналната микрофлора се лошa интимна хигиена, незаштитени полови односи и носење на синтетичка и премногу тесна облека. Не треба да заборавиме и дека подолготрајната употреба на антибиотици и хормонски препарати скоро секогаш како последица има некоја вагинална инфекција (кандидијаза).
Кога киселоста на вагината ќе се промени и ќе се намали бројот на добрите микроорганизми, се создаваат поволни услови за појава на вагинални инфекции: пред се кандидијаза, трихомонијаза и бактериски вагинитис. Во тој случај почнуваат да се јавуваат тегоби кои се карактеристични за вагиналните инфекции: зголемена вагинална секреција, непријатна миризба, печење, црвенило и чешање на надворешните гениталии, често мокрење, болни и непријатни сексуални односи и др.
Заради сето ова, кај жените е особено важно да се одржуваат концентрациите на млечно-киселински бактерии и млечна киселина, а со тоа и кисела pH во вагината.
Ова најуспешно се постигнува со локална апликација на вагинални препарати со пробиотици-лактобацили (L.Acidophillus) најдобро во комбинација со млечна киселина и изофлавони од соја. Пробиотикот Lactobacilus acidophilus ја обновува вагиналната микрофлора, ја инхибира колонизацијата на патогени и го намалува pH на средината. Lactobacilus acidophilus произведуват H2O2, млечна киселина и бактериоцини, кои го инхибираат растот на бактериите кои предизвикуваат бактериска вагиноза.
Млечната киселина ја враќа природната кисела pH на вагиналната слузница, ги инхибира патогените соеви, и го чува интегритетот на цервиксот со што ги намалува инфекциите на горниот генитален тракт. Изофлавоните го зголемуваат нивото на гликоген и на тој ги намалуваат симптомите на атрофија: сврбеж, болка и еритем. Овие комбинации е најсоодветно да се применуваат 10 дена пред менструација или веднаш по престанување на циклусот. Употребата може да биде и до 14 дена.
Доколку за период од 14 дена, целосно не исчезнат симптомите, тогаш задолжително јавете се кај вашиот гинеколог.
Извор: http://pharmanews.mk/