Во рамките на Европската недела на мобилност, минатата недела, на една од најфреквентните улици во Битола, Васко Карангелевски, во присуство на градоначалничката Наташа Петровска и љубители на велосипедот, беше промовирана пробна велосипедска патека. Во моментот кога се промовираше патеката, голем број битолчани, особено возачите на автомобили, останаа збунети од стеснувањето на улицата и метежот што се создаде. Уште истиот момент некои од нив реагираа дека овој проект нема да заживее, бидејќи улицата Васко Карангелевски и така е претесна за сообраќај. Песимизам искажаа и припадниците на сообраќајната полиција што го обезбедуваа настанот, што се потврди веќе во наредните неколку денови.
– Денешната промотивна велосипедска патека треба да донесе одредени сознанија како да се реализира оваа активност и како да се промени целокупниот сообраќаен режим на улицата Васко Карангелевски. Станува збор за тоа како конечно во Битола би можеле да го решиме сообраќајниот хаос. Светските трендови налагаат зголемување на просторот за велосипедистите, а намалување за возилата. Општината Битола работи на полето на еднаков третман на сите учесници во сообраќајот, затоа што улиците не се наменети само за возилата – рече градоначалничката Наташа Петровска на промовирањето на велосипедската патека.
Ова не е првпат во Битола еден градоначалник да се заложи за изградба на велосипедска патека. Пред речиси шест години, тогашниот градоначалник Владимир Талески излезе пред битолчани со проект за изградба на кружна велосипедска патека. Но нестрплив во намерата да биде завршен проектот пред локалните избори, Талески нацрта велосипедска патека на Градското шеталиште. По средината на шеталиштето, каде што се движат голем број пешаци како во претпладневните, така и во вечерните часови, Талески на своја рака нацрта велосипедска патека, со што во голема мера го стесни шеталиштето. Тоа предизвика бура од негодување и реакции и кај велосипедистите и кај пешаците, кои уште истиот момент побараа „велосипедската“ патека на шеталиштето да се избрише, така што Битола и натаму е еден од ретките градови без велосипедска патека, иако многумина експерти тврдат дека тој, со својата конфигурација, е како измислен за велосипедистите.
Неодамна, на една средба во Битола, раководителката на локалниот информативен центар при Министерството за животна средина и просторно планирање, Светлана Георгиева, изјави дека Битола поради конфигурацијата на теренот и над 300 сончеви дена во годината има одлични услови за користење велосипед.
Тоа, впрочем, беше и еден од предизборните адути и на актуелната градоначалничка Петровска.
– Да ги подобриме и сообраќајната култура, но и вело-инфраструктурата во Битола. Повеќе велосипедски патеки, повеќе места за паркирање велосипеди. Битола може да стане почист, поздрав, позелен, побезбеден град во текот на мојот мандат. На велосипед на работа, на велосипед за рекреација – говореше Петровска кога ја промовираше својата изборна програма.
Сега, на половина на мандатот, од велосипедската патека што ја најави Петровска нема ништо, а за проектот на Талески, кој тогаш општината го порача и го плати, во моментот никој не ни зборува.
Сега се изработува нова сообраќајна студија, се цртаат нови проекти, но, за жал, досега не само што не е изградена кружната велосипедска патеа со која требаше да се намали сообраќајниот хаос во градот туку не е изградена ниту една обична патека.
Инаку, кога станува збор за велосипедите, тие како превозно средство имаат долга историја во градот под Пелистер. Повозрасните битолчани добро се сеќаваат како илјадници работници во т.н. социјализам на велосипед одеа на работа.
Велосипедизмот во Битола има повеќе од едновековна традиција. А додека со својот фотоапарат „камера 300“, првиот снимател на Балканот, Милтон Манаки, правеше едно кадро за себе, а едно за историјата, тој буквално не се симнуваше од велосипед.