Во Македонија не се води точна евиденција за бројот на деца во предучилишна и во училишна возраст што имаат депресивни манифестации, психолозите велат дека сѐ почесто се случува да работат со сѐ помлади пациенти во нивните ординации и советувалишта.
Главната причина за појава на депресивно однесување кај децата е стравот од неуспех, а голема улога, меѓу другото, има и самото воспитување.
– Половината од сите ментални болести почнуваат на возраст од 14 години, но повеќето случаи не се откриваат и не се лекуваат. Во однос на оптовареност со болести кај адолесцентите, депресијата е трета водечка причина. Самоубиството е втората водечка причина за смрт кај младите на возраст од 15 до 29 години. Депресивното расположение кај децата што одат на училиште често се манифестира со иритабилност и здодевност – велат психолозите.
Според податоците на Светската здравствена организација, преваленцијата на депресијата кај деца помлади од 13 години е околу три отсто, кај девојчињата од три до осумнаесетгодишна возраст е околу шест отсто, а кај момчињата на истата возраст е пет отсто.
Психолозите потенцираат дека родителите се свесни за проблемот и соработуваат кога кај нивните деца се препознаваат депресивни реакции и симптоми. Според познавачите, за да се препознаат симптомите, треба да се имаат превид промените и однесувањата на детето. Така, нивните движења може да станат троми или детето може да биде хиперактивно. Како што детето станува сѐ понезаинтересирано и понезадоволно, се намалува и неговиот интерес за игри и хобија или сосема се губи. Исто така, и другарувањата може да завршат. Дури и промените во апетитот може да укажуваат на депресија. Треба да се обрне внимание и ако детето се чувствува и се доживува себеси како лошо дете и има чувство на вина и неуспешност.
Светската здравствена организација објави дека во Европа е во пораст бројот на деца и адолесценти што имаат проблеми со менталното здравје. Според едно од последните истражувања за здравствено однесување кај училишни деца, 30 отсто од 15-годишните девојчиња и 13 отсто од 15-годишните момчиња во европските земји рекле дека се чувствуваат лошо повеќе од еднаш неделно.