Алармантните податоци за загадениот воздух, кои покажуваат дека Скопје е еден од петте најзагадени градови во светот, ги вознемири пулмолозите, кои предупредуваат дека ова ќе доведе до драстично зголемување на бројот на заболени од карцином на бели дробови.
Д-р Камелија Бушљетиќ предупредува дека ситуацијата е алармантна оти загадениот воздух е еден од деветте фактори во светот што придонесуваат за високата смртност кај луѓето.
Се зголемува бројот на заболени од канцер на белите дробови, од хроничната белодробна опструктивна болест, од мозочните удари, од кардиоваскуларните болести, како и од респираторните акутни инфекции. Над 2.500 луѓе умираат годишно во Македонија како последица на заболувањата што ги предизвикува аерозагадувањето. Ние може да имаме генетски предиспозиции за одредена болест, но тие нема да се манифестираат без поттикнување на фактори од надворешната средина. А еден од главните е аерозагадувањето!, вели д-р Бушљетиќ за порталот „Точка.мк“.