Бројот на жртви од коронавирусот се зголеми на 25, со повеќе од 600 потврдени случаи на инфекцијата.
Британски „Скај њуз“ пренесува дека се работи претежно за лица над 60 години и оти повеќето од нив веќе имале некоја болест. Најмладата почината пациентка имала 48 години.
Поради избувнувањето епидемија, кинескиот град Вухан е ставен во карантин – прекинат е воздушниот, железничкиот и копнениот сообраќај, а на жителите им се препорачува да не патуваат надвор од градот.
Денеска е затворен и втор град во централна Кина во обид на властите да се спречи ширењето на епидемија на коронавирусот што избувна во соседниот Вухан. Железничката станица во Хуангганг, каде има население од 7,5 милиони и е оддалечена 70 километри од Вухан, ќе прекине со работа се до нова наредба на властите. Oд полноќ сите возила ќе бидат проверувани, а баровите и кината ќе бидат затворени, соопштија градските власти.
Покрај откажувањето на летови и возови, властите затворија и кина, кафулиња и други јавни места.
Железничката станица во трет град во близина, Ежоу, каде има население над еден милион, исто така ќе се затвори од вечерва, иако не беа објавени други мерки.