Најголем дел од нас се свесни дека физичката активност е многу важна, но сепак често ќе кажеме дека ни е потребна мотивација.

Постојат голем број истражувања кои докажуваат дека физичката активност нѐ штити од различни болести, но и ни го продолжува животот. Така, оние кои се активни имаат 20-30% помал ризик за заболување од кардиоваскуларни болести, 30% помал ризик од дијабетес тип 2, 12-25 % помал ризик од различни малигни заболувања, но и астма.

Покрај тоа, оние кои се физички активни се позадаволни со својот живот и порасположени.

Телесната активност мора да биде напорна за да произведе резултати  е едно од најпогрешните тврдења за бенефитите од вежбањето и физичките активности. Според препораките од СЗО, за одржување на добро здравје потребни се околу 150 минути неделно.

Тоа се оние активности од кои малку се задишуваме, се потиме и зацрвенуваме, но кои не се премногу напорни. Или пак, 75 минути неделно со висок интензитет. Потсетуваме дека ова се основите за добро здравје, а на самата личност останува да избере дали ќе вежба повеќе.