На најновата прес-конференција на министерот за здравство, Венко Филипче, тој доби новинарско прашање за тоа дали Македонија ќе го следи примерот на Бугарија и на Хрватска, кои ги оспособија своите најголеми сали како резервни болници.
Филипче одговори дека на вчерашниот состанок на владата со експерти од повеќе области дискутирале и за оваа можност, но дека, засега, нема да пристапат кон таков чекор.
„Ја спомнавме и оваа можност, дискутирана е, но сметаме дека такво нешто би преземале дури во некоја понапредна фаза или, како некоја последна мерка. Имаме кревети кои се оспсобени и би можеле да ги користиме за такво нешто, но засега експертите сметаат дека не е потребно. Повеќе го разгледувавме германскиот систем на лекување, во кој сите пациенти со полесна слика се на домашно на лекување, а во болница се оние кои мора да се на респираторни машини и оние на кои би можела да им биде потребна помош“, изјави Филипче.
Ова прашање се актуализира, откако низ Балканот се прошири веста дека загрепска „Арена“ и „Армеец“ во Софија веќе се оспособени како резервни болнички капацитети, со кревети на паркетот, за случаи кои не се во многу сериозна состојба. Во нашата земја такви капацитети би можеле да бидат двете најголеми сали, „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“.
На прес-конференцијата во 15 часот, министерот соопшти дека во изминатото деноноќие регистрирани се девет нови случаи на Ковид-19, со што вкупната бројка на заразени во Македонија изнесува 85.