Ако забележите дека на масата на вашата баба секогаш има чинија со сливи, верувајте дека тоа не е случајно. Полни со хранливи материи што ги штитат коските и го подобруваат целокупното здравје, сливите се можеби една од најважните плодови за здраво стареење. Иако содржат одредена количина шеќер, сувите сливи содржат и влакна кои ја намалуваат апсорпцијата на шеќерот во крвта.
Со други зборови, не треба да се грижите за тоа дали ова суво овошје ќе ви го покачи шеќерот во крвта затоа што за тоа водат сметка влакната што ги содржи сливата. Влакната, исто така, помагаат при запек и при други нарушувања на дигестивниот систем, како што се хемороидите кои се чести кај постарите лица.
Сливите ја зголемуваат количината на корисните бактерии во цревата, што може да придонесе за губење на тежината, а докажано е дека и многу брзо заситуваат. Половина чаша суви сливи содржи 6 грама растителни влакна, што е прилично добра количина од оваа важна хранлива материја. Сливите содржат и други хранливи материи, како што се калиумот (кој помага при варењето и го регулира крвниот притисок), витамин А, витамин К и витамин Б6, како и нијацин и железо.
Кога станува збор за здравјето на вашите коски и мускули, сувите сливи се одличен додаток во исхраната бидејќи содржат бор, минерал кој е од суштинско значење за градбата на коските и на мускулите. Едно истражување открило дека консумирањето сливи спречува губење на коскената маса кај жените во постменопаузата, состојба која ѝ претходи на остеопорозата, а испитаниците јаделе само шест сливи на ден.
Друго истражување открило дека консумирањето суви сливи ги намалува негативните ефекти на зрачењето врз коскената маса, така што луѓето кои се на овој вид лекување треба да ги додадат сувите сливи во својата исхрана.
Поради изобилството на железо, сливите се и голем сојузник на убавината. Недостатокот на железо, што е многу честа појава кај постарите жени, предизвикува оксидативно оштетување на кожата, што доведува до создавање повеќе брчки и стареење на кожата. Ист е и случајот со опаѓањето на косата. Потребно е да јадете само по 5 сливи секој ден и многу брзо ќе забележите промени.