Во здравстен дом Скопје набавката на тонери и принтери е во тек, но кога ќе заврши засега не се знае.

Последниве десетина дена во скопските поликлиники, особено во лабораториите резултатите се чекаат подолго од вообичаеното бидејќи се потрошени тонерите на принтери. Поради тоа од лабораториите каде има најголема потреба за печатење на анализите од испитување на крв и урина на пациенти, се позајмуваат принтери од другите одделенија, па застој се прави на целата поликлиника. Пациентите се нервозни што мора дополнително да чекаат, додека пак здравствените работници незадоволни бидејќи не може да си ја завршат работата на наједноставен начин. Најизразен е проблемот во поликлиниките на Бит Пазар, Аеродром, Чаир.

-Сабајле чекаме за да дојдеме за ред да ни земат крв, а сега еден час пак да чекаме за резултатите, цел ден треба во поликлиника да го поминеме, како да не мора да одиме на работа и да немаме други обврски. Ако немаат тонери нека си набават, нека не не малтретираат нас – вели пациент од Бит Пазар.

Вработените велат дека се снаоѓаат и се обидуваат да им излезат на пациентите во пресрет, но велат мора да се има трпение.

-Никој не си отишол без резултат, и ние сакаме да не е вака, да ги префрламе принтерите од ваму, таму – вели вработена во лабораторија.

Директорот на Здравствениот дом Скопје, Виктор Исијановски објаснува деака проблемот е бирократски, односно дека во тек е поголема набавка на тонер и принтери.

-Тендерите некогаш знаете дека може да заглават. Набавката е во тек, тоа се бирократски работи што не може да ги смениме – вели директорот.

За одговор на прашањето кога очекуваат набавката да заврши и сите одделенија да бидат снабдени со принтери и печатачи Исијановски упати во службите. Но иако стапивме во контакт одговор не добивме.

Новина во Здравствениот дом Скопје е и набавката на 10 нови службени возила марка шкода, како и две пикап возила кои ќе се користат за транспорт на медицински материјали и лекови. Овие возила ќе бидат промовирани наредната недела во присуство на министерот за здравство Венко Филипче. Возила за Итната помош иако се потрбни не се набавени во оваа јавна набавка.