Се зголемува напливот на пациенти во болниците. Болничките капацитети во дел од градовите се исполнети. Министерот за здравство Венко Филипче денеска истакна дека зголемен бројот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација поради Ковид-19.
– Болниците во Тетово и Гостивар се полни. Во Струга се засилува хоспитализацијата. Инфективното и едно интерно одделение во тетовската болница се со исполнет капацитет од 90 пациенти. Исполнета е и гостиварската болница каде се хоспитализирани 70 лица. Болницата во Лешок и исто така со исполнет капацитет, истакна Филипче.
Како што рече, викендов голем притисок имало и во Скопје каде доаѓале пациенти кои биле препратени од другите градови. Инфективната клиника и Институтот за туберкулоза исто така се со исполнети капацитети. Филипче најави дека ќе биде отворен тријажен центар на ТБЦ, како и два тријажни центри во дел од поликлиниките, а дополнително ќе се објави кои ќе бидат тие.
– Направен е распоред на лекарите, дел се на одмори, има доволен број на медицински персонал. Согласно тој систем на постојана комуникација, ќе бидат препраќани пациентите, уверува министерот.
Инаку како што претходно беше објавено Болницата „8 Септември“ и модуларната болница на Инфективна клиника од денеска се отвораат за прием на нови ковид пациенти.