Веќе е постигнат првичен договор, заедно со Министерството за труд и социјална политика за реализација на проектот дел од Здравствениот дом во Пробиштип да се пренамени за старски дом кој е од големо значење не само за Пробиштип, туку и за целиот регион. Ова го соопшти министерот за здравство Венко Филипче при посетата на Здравствениот дом во Пробиштип јули годинава.
Вработените во Здравствениот дом реагираат, општината ја тера работата работата кон пренамена.Во официјални документи министерството за здравство не се изјаснува, а министерство за труд и социјална политика и Државен здравствен и санитарен инспекторат се оградуваат од тоа дека било што се работи во таа насока.
Информацијата на Филипче од јули предизвика реакција од медицинскиот кадар во Здравствениот дом особено посебно откако Општина Пробиштип почна да презема конкретни мерки за пренамена на просторот. На 26 декември поднесена е граѓанска иницијатива до Советот на општина Пробиштип. Докторите вработени во Здравствениот дом Нада Михајлова се прашуваат зошто не беше покрената јавна дебата и зошто не беа прашани за пренамена на повеќе од половина од работниот простор.
-Бараме средба со министерот за здравство Филипче. Прашуваме каде ќе бидат сместени породилиштето, собата за аудиометрија, собата за лекови, специјалист по невропсихијатрија, специјалистот по уво нос и грло, салата за обдукција, идниот невролог, кардиолог, педијатар, интернист и доктори кои работат во рамки на Итната медицинска помош, вели еден од вработените во Здравствениот дом.
Каква е фактичката состојба? Градежниот објект во кој е сместен ЈЗУ Здравствен дом Нада Михајлова, Пробиштип е во сопственост на Македонија. Сопственоста е евидентирана во имотен лист бр. 6 и имотен лист бр. 6981 за катастарска парцела 1099/10 и за катастарска парцела 683 на катастарска општина Пробиштип. И покрај фактот што станува збор за државна сопственост активностите не ги презема министерството за здравство и министерството за труд и социјална политика, туку општината.