Помина повеќе од еден месец откако Светската здравствена организација го прогласи новиот коронавирус за глобална опасност. Откако почна епидемијата, има повеќе од 90.000 заразени од вирусот низ целиот свет и повеќе од 3.100 починати, пишува Си-ен-ен.

Додека надлежните се трудат да го запрат ширењето на вирусот, тешко е човек да не се праша што ќе се случи понатаму. Кога и како ќе заврши ова? Еве еден поглед на тоа што се случи за време на другите епидемии.

 

Ебола

За време на епидемиите на заразни болести научниците често интервенираат со вакцини и со антивирусни лекови.

Таков беше случајот и во 2014 година, кога епидемијата на вирусот на еболата во западна Африка заврши со „прекин“ на заразата, соопшти Светската здравствена организација во март 2016 година. Случајот беше затворен по „координираниот меѓународен одговор“, рече Петар Хотез, професор и декан на Националната школа за тропска медицина на Медицинскиот факултет Бајлор.

Кога во 2018 година почна уште една епидемија, два начини на лекување, развиени од првата епидемија, им беа понудени на сите пациенти во Демократска Република Конго.

„Двата пати човечката интервенција постигна напредок“, кажа Хотез и додаде дека таков може да биде и случајот со коронавирусот. Во моментов не постои вакцина и ниту еден специфичен антивирусен третман за новиот коронавирус – но голем број се во развој.

„Прилично сум оптимистичен дека ќе имаме добар антивирусен лек и протокол во следните недели и месеци“, рече тој.

Повеќе од 20 вакцини за коронавирусот се во фаза на развој, вели Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на Светската здравствена организација. Во тек е првото клиничко испитување на антивирусниот лек.

Иако тимот на Хотез е меѓу тие што работат на вакцината, тој вели дека не е оптимист дека тоа ќе се случи во временските рамки на оваа епидемија. Прво, вакцините мора да ги поминат клиничките испитувања, па потоа мора да бидат одобрени, а поради обемот на надзорот во испитувањето на безбедноста на вакцините, рече тој, малку е веројатно дека на јавноста ќе ѝ бидат достапни навреме за да спречат нова епидемија.

 

САРС

Ширењето на САРС-от заврши во јули 2003 година со добри хигиенски практики – како што е честото миење раце – и со факторите на животната средина како што се високата температура и влажноста во летните месеци, вели Џон Николс, професор по клиничка патологија на Универзитетот во Хонг Конг.

САРС е еден вид коронавирус што во 2003 година зарази повеќе од 8000 луѓе. До мај таа година тој „согоре“, вели Хауард Маркел, директор на Центарот за историја на медицината на Универзитетот во Мичиген.

Како „согоруваат“ епидемиите? Понекогаш, вели Маркел, тоа е затоа што се менува времето, а понекогаш е затоа што доволен број луѓе се заразиле и станале имуни.

„Кога би морал да предвидувам, би рекол дека е мошне веројатно дека коронавирусот до мај или јуни или јули ќе согори сам од себе“, вели Маркел.

Но тоа не значи дека ќе исчезне засекогаш.

 

Х1Н1

Епидемиите на вируси може да се менуваат во зависност од годишните времиња.

Грипот од видот Х1Н1 предизвика пандемија во 2009 година, а сега стана сезонски вирус.

Сезонските вируси може да се појават во текот на целата година, но во случаите забележани на северната хемисфера имаат тенденција да достигнат кулминација во постудените, зимски месеци и да опаѓаат кога ќе се стопли, објаснува Хотез.

Не е сосема јасно зошто е тоа така, вели тој, но можни причини се влажноста и времето поминато во толпа во затворен простор.

Се нагаѓа дали коронавирусот повторно ќе се појави, вели Хотез. Едноставно нема доволно докази или доволно време тоа точно да се предвиди.

 

Научени лекции

Несомнено е дека оваа епидемија на коронавирусот ги оживува поуките од епидемијата пред неа, вели Хотез.

Патот во почетокот е тежок, а властите го менуваат пристапот додека учат како се однесува патогенот и како се пренесува на ранливите групи луѓе.

Најчеста одлука е „глобална амнезија“, вели Маркел. Вирусот се запира и јавноста му се враќа на редовниот живот, без да размислува понатаму за епидемијата.

Но тоа може да биде проблем. Наместо тоа, смета Маркел, луѓето треба да останат будни и спремни.

„Поука е дека живееме во ново време на зарази и дека тие редовно ќе ги покажуваат своите грди глави“, вели тој. „Лекцијата што не ја научуваме е дека мора да бидеме спремни за тоа“.