УНИЦЕФ предупреди дека за време на пандемијата на коронавирусот, кога движењето е ограничено на милијарди луѓе, се спречува рутинско вакцинирање на многу деца и последиците би можеле да бидат особено тешки за најсиромашните, кои живеат во конфликтни земји или погодени од природни катастрофи.

„Поради ограничувањата во движењето, родителите одлучуваат да ги одложат рутинските вакцинирања во време на недостиг од медицински производи и проблеми со транспортот“, наведе во соопштение директорот на УНИЦЕФ, Хенриета Форе.

„Најпогодени се децата од најсиромашните семејства од земји во конфликт или погодени од природни непогоди“, додаде таа, истакнувајќи дека е „особено загрижена за ситуацијата во Авганистан, Демократска Република Конго, Сомалија, Филипините, Сирија и Јужен Судан“.

„Во таква ситуација, тие земји не можат да си дозволат да се справат со нови епидемии на болести што може да се избегнат од вакцинирање“, истакна Форе, повикувајќи ги сите влади „веднаш да започнат со планирање за интензивирање на вакцинацијата веднаш штом пандемијата со Ковид-19  биде ставена под контрола“.