Недостаток на концентрација и мотивација, утринска мрзеливост, незаинтересираност, безволие – сѐ тоа можеби не е само замор. Можеби се работи за онаа „лизгава патека“ на целосната исцрпеност, или она што на Запад се нарекува „Burnout“ (синдром на работна исцрпеност или синдром на прегорување) – подмолниот „крадец“ на менталното здравје.

Како што пишува „Индекс“, тоа не е само поим преземен од науката во Северна Америка – тоа е вистинска психолошка состојба на замор што може да има сериозни последици по психо-физичкото здравје. Што е прегорување?

Тоа е потешка, целосна психичка, физичка и емоционална исцрпеност и намален интерес за секојдневните активности. Ова нарушување понекогаш е тешко да се препознае бидејќи честопати погрешно се сфаќа како депресија, анксиозност или обична мрзеливост.

Најчесто, оваа состојба се поврзува со работното место – претерана работа, лоши услови, немање поддршка од колегите и претпоставените, постојани притисоци и крајни рокови. Но, тоа не им се случува само на оние кои се преоптоварени со работа. Секој – од ученици до родители, може да стане жртва на ова подмолно заболување. Работа „24 / 7“, сестраност во задолженијата, перфекционизам – сѐ тоа може да доведе до прегорување.