Повеќе од 30 милиони евра ќе чини централизираната набавка на реагенси за лабораториите на Јавните здравствени установи – покажува “техничкиот дијалог“ кој го води Министерството за Здравство пред да го отвори тендерот, кој го анализираа експерти кои ги ангажираше порталот Лидер.
– Кога нашиот тим на истражувачи во ексел табела ги собра сите реагенси по пазарни цени понудени за Лидер од една светска компанија, излезе дека тие ќе чинат околу 30 милиони евра, а овие пари, според техничкиот дијалог ќе ги добие само една фирма. Ова според експертизата на истражувачите е небулозно и детектира корупција, зашто се работи за набавка на реагенси за 7 различни анализи кои воопшто не се поврзани меѓу себе, а нив ќе ги набавува само една фирма, објави порталот.
До сега секоја болница сама си набавуваше реагенси и имаше десетина компании кои беа активни на пазарот, но откако минатиот месец министерот Венко Филипче им забрани на болниците сами да набавуваат реагенси за нивните лаборатории, се отвора голем скандал, затоа што сега парите ќе ги добива само една фирма.
– Со утврдувањето на апаратурата, која во ваквите набавки доаѓа гратис поради тоа што се плаќаат само реагенсите, јасно е кој ќе го добие тендерот за реагенси и ќе ќари 30 милиони евра тендер. Токму на овој начин, ние успеавме да стигнеме до комапнијата која е фаворизирана од Министерството. Старите апарати кои се користат во моментов, ќе се стават вон употреба, иако најголем дел од нив се функционални и не се долго користени, а новите ќе бидат исталирани на помалку места од претходно и компанијата добитник на тендерот ќе биде задолжена низ Македонија да ги транспортира примероците со крв за да се направат биохемиски, имунолошки, хематолошки анализи, објави Лидер.
Според документот од техничкиот дијалог, компанијата која ќе го добие тендерот за реагенси, ќе биде должна да спроведе транспорт на примероците од крв до 14 часот назад во лабораториите.
Во моментов во скоро сите болници во Република Македонија се прават имунолошки анализи, но со новиот тендер, ќе се набават само 3 апарати кои ќе работат за цела држава, а останатите ќе бидт ставени надвор од функција.
– Во моментот кога овие спецификации ќе станат официјален тендер и официјално ќе се фаворизираат апаратите на оваа компанија, ќе го објавиме називот, сопственичката структура и поврзаноста на фирмата со власта, затоа што тогаш тоа ќе стане прашање од јавен интерес. Како што дознаваме, во целиот овој монопол со реагенси кој според документацијата, сака да го креира Филипче, вмешан е еден познат доктор од Скопје кој сега води и поседува голема веледрогерија. Нашите извори брифираат дека докторот е во корелација со компанијата која ќе го добие тендерот, објави порталот.
Набавката на реагенси само за овие три апарати, кои се наменети за имунолошки анализи, според пресметките на експертите кќе чини околу 10 милиони евра.