Министерот за здравство Венко Филипче во текот на вчерашниот ден посочи дека со доаѓањето на есенските месеци ќе се зголемуваат ризик факторите за зараза со Ковид-19, па така на граѓаните не им останува ниту еден аргумент поради кој не би се вакцинирале.
– Нема ниту еден аргумент зошто граѓаните не би се вакцинирале, тоа е единствениот начин да постигнеме колективен имунитет и да бидеме заштитени. Ризикот да се добие Ковид-19 е многу висок. Сега, со есенските месеци, ризик факторите дополнително ќе се зголемуваат, луѓето повторно ќе бидат во затворени простории, затоа, апелирам граѓаните да ја сфатат оваа работа многу сериозно, рече вчера Филипче.
Во изјава за тв медиумите тој истакна дека откако започна вакцинацијата, и сега, со амплификацијата на целиот процес со новите мерки ситуацијата е многу подобрена, но, само кај вакцинираните граѓани.
– Сега имаме пандемија, вирус кој што многу се шири кај невакцинираните граѓани. Огромен процент од вкупниот број на дијагностицирани пациенти, над 87-87 се невакцинирани, исто така, од вкупниот број на починати, близу 90 проценти се невакцинирани граѓани, кажа министерот.
На прашањето за третата доза вакцина, Филипче посочи дека најверојатно трета доза вакцина ќе биде потребна за сите граѓани.
– Очекуваме да излезат клиничките студии кои што ги прави компанијата „Фајзер“. Според укажувањата и најавите, таа трета доза многу веројатно ќе биде потребна за сите граѓани, но сеуште е рано, чекаме да излезат официјалните студии и потоа да излеземе со соодветна препорака. Имаме голема разлика кај различни возрасни категории. Вкупниот број на вакцинација е 37 проценти на целокупното население, најмалку со една доза 45-6 проценти од граѓанте и околу 55-6 проценти кај граѓаните над 40 години. Како расте возрасната група на граѓани така се зголемува опфатот со вакцинација на пример близу 70 проценти од граѓаните над 70 години се вакцинирани, рече Филипче.