Деновиве на социјалните мрежи пациент кој боледува од цистична фиброза упатува апел за помош до сите надлежни институции во Македонија. Цистичната фиброза има статус на ретка болест во државава, и она што е најчест проблем со кои се соочуваат овие болни лица е недостигот на соодветна терапија. Ваквите реакции често се споделуваат на социјалните мрежи со цел што поскоро да се изнајде решение за ваквите лица со што би им се подобрил начинот на живот, а секако и здравјето.

За еден од македонските електронски портали, в.д. директорката на Клиниката за детски болести, д-р Стојка Нацева-Фуштиќ, посочува дека од клиниката пред повеќе месеци е упатено известување до Министерството за здравство за новата терапија за цистична фиброза, која вклучува лек „трикафта“ (Trikafta) или „катфрио“ (Katfrio) кој е дизајниран да го зголеми количеството и функцијата на CFTR протеинот, со што би помогнал да се поправи основниот дефект што ја предизвикува болеста и да се запре бавната и болна прогресија на болеста кон лош исход.

Исто така, како што посочува в.д. директорката за порталот, упатено е и барање до Фондот за здравствено осигурување за терапија со ‘трикафта’/„кафтрио’ за 8 пациенти кои се во тешка ‘животозасегнувачка’ состојба, но досега официјален одговор не е добиен.

Инаку терапијата за прв пат е одобрена за користење во САД во октомври 2019 од Агенција за лекови на САД (ФДА), a во Европа во јуни 2020 година од Европската агенција за лекови (ЕМА).