Нов метод во третманот на полипи и тумори на колон и желудник со т.н „воден нож“ денеска се применува врз осум селектирани пациенти на Универзитетската гастроентерохепатологија во Скопје. Овој метод првпат се изведува во Македонија и во регионот.
Со примената на ваков тип метод на Клиниката на пациентите со полипи и тумори на дебело црево и желудник, нема да мора да им се извршува хируршка интервенција.
Методата ја извршуваат гастроентерохепатолизи на кои им помага професор д-р Ајхов Аксел, шеф на ендоскопија во Ханау, Клиниката во Германија.
Директорката на Клиниката Калина Гривчева Старделова изјави дека двајца од осумте пациенти се со редок вид на тумори под првиот слој на лигавицата на желудникот со тумори, а шест пациенти се со такви на дебелото црево и со големи полипи кои не се вадат рутински со апаратурата која ја имаат со класични полипектоми.
– За желудник и овој што е сега во долниот дел на цревото во ректумот процедурата се изведува со ендоскопски апарат. Секој од тие ендоскопски апарати има работен канал низ кој се протнуваат сите тие акцесори. Кога работиме полипектомија низ тој работен канал оди полипектомот, исто така сега оди овој хибриден воден нож, истакна Гривчева Старделова.
Појасни дека станува збор за „воден нож“ кој во текот на процедурата оди во млаз вода што овозможува полесно да се видат крвните садови, каде има крварење и ако има крварење, а има многу ситни крвни садови кои кога ќе се исечат ќе се појави крварење и ќе се интервенира тоа да престане.
– Тој овозможува тие полипи да се подигнат, да се засече првиот слој на лигавицата, да се подигне, исече и се издвои од цревото до мускулот кој е безбеден за пациентот, да не се дупне цревото и да се извади полипот. Осуммината пациенти на кои денеска им се извршува процедурата ќе останат еден ден во Клиниката, рече Гривчева Старделова.
Нагласи дека вакви интервенции се прават во Хрватска. Основниот апарат на кој се поврзуваат ваков тип на акцесори, посочи, чини 35 илјади евра, а „водениот нож“ си има своја цена.
– Денеска имаме можност да ни го дадат „водениот нож“, го користиме и ќе видиме понатаму како би успеале да ни остане во трајна сопственост. Професор д-р Ајхов Аксел кажа дека имаме одлична екипа. Покрај професорот тука се мои колеги од Клиниката и одличен тим на ендоскопски сестри од Клиниката, наведе Гривчева Старделова.
Професор д-р Ајхов Аксел изјави дека е задоволен од она што го видел од ендоскопоската екипа на Клиниката и опремата која ја имаат.
Како што појанси, ендоскопоската работилница почнала со вадење голем тумор на ректумот на долниот дел на дебелото црево. Во тие процедури е иднината на ендоскопијата и на лекувањето на ваков вид тумори со цел пациентите да немаат големи лузни по хируршките интервенции, укажа Аксел.