Без разлика за која религија станува збор, верските храмови се едни од најубавите градби што ги направил човекот, а овојпат ќе се фокусираме на христијанските катедрали и цркви.
Катедралите се најголемите христијански храмови и претставуваат главна црква, односно седиште на епископите. Зборот „катедрала“ најчесто го користат католиците додека пак православните христијани го користат зборот црква.
Ширум светот постојат илјадници катедрали, дел од кои биле градени со векови, и дефинитивно е тешко е да изберете која е најубава. Од готичките катедрали со своите високи, изразителни стебла и витражи, до ренесансните катедрали со своите детални скулптури и фрески, секоја катедрала има своја уникатна приказна и убавина.
Катедралите не само што се убави во својата архитектура, туку и имаат голема историска и културна вредност.
Митрополитска катедрала, Мексико Сити
Митрополитската катедрала во главниот град на Мексико е најголемата и најстарата катедрала во Америка.
Градена е околу постара црква, која била изградена веднаш откако Шпанците го освоиле Теночтитлан – главниот град на царството на Ацтеките.
Работата на новата градба почнала во 1573-та и траела до 1813-та и во овој период целосно ја заменила старата црква. Бидејќи за изградбата биле потребни околу 250 години, скоро сите познати архитекти, сликари и скулптори од областа биле вклучени во проектот.
Црква Свети Александар Невски, Софија
Свети Александар Невски во Софија, Бугарија е изградена во периодот 1882-1912 и се наоѓа на плоштадот кој го носи истото име. Изградена е во често на воинот Александар Невски, кој бил прогласен за светец од Руската православна црква.
Црква Свети Климент Охридски (Соборен храм), Скопје
Лоцирана во Скопје, црквата Свети Климент Охридски е најголемиот соборен храм на Македонската православна црква. Изградбата според проект на архитектот Славко Брезоски започна во 1972-ра, а заврши во 1991-ва година.Осветувањето на храмот е извршено по повод 1.150-годишнината од раѓањето на патронот свети Климент Охридски, на 12 август 1990 година, во времето на архиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил.
Камен-темелникот е поставен на 23 април 1972 година, по проект на архитектот Славко Брезоски. Црквата е од тип ротонда, само од куполи и лакови, под кои е опфатена површина од околу илјада квадратни метри. На тој простор може да се соберат речиси 6.000 верници, а фонтаната во дворот на црквата е подарок од Исламската верска заедница.
Келнска катедрала, Келн
Изградбата на Келнската катедрала започнала во 1248-ма, а завршила дури во 1880-та година. Катедралата е заштитена од УНЕСКО како светско културно наследство и е уште еден неверојатен пример за готска архитектура.
Градбата е најпосетената знаменитост во Германија.
Базилика Свети Петар, Ватикан
Катедралата посветена на апостол Петар е најголемиот христијански храм во светот и внатре собира дури 60.000 верници. Свети Петар се смета за „мајка-црква“ на Римокатоличката црква и за верниците е едно од најсветите христијански места во светот.
Се верува дека овде е погребан апостолот Свети Петар, кој се смета и за прв папа на Римокатоличката црква.
Црква Свети Василиј, Москва
Позната и како Покровска катедрала, црквата Свети Василиј е една од најживописните градби во Москва. Нејзината изградба почнала во 1555-та, во времето на Иван Грозни и е лоцирана на Црвениот плоштад во главниот град на Русија.
Денес градбата е претворена во музеј, но повремено се одржуваат и црковни служби.
Богородична црква (Нотр Дам), Париз
Нотр Дам е дефинитивно најпознатата готска катедрала ширум светот. Сместена е на островот Сите во реката Сена, во главниот град на Франција. Изградбата на катедралата почнала во 1163 година, за време на владеењето на Луј VII и ова ремек-дело се смета за еден од најубавите примери за готска архитектура.
За жал, во 2019-та катедралата ја зафати пожар кој предизвика сериозна штета, особено на покривот, а се очекува реновирањето да заврши до крајот на 2024-та година.
Миланска катедрала (Дуомо), Милано
Дуомо во Милано е уште една готска катедрала, за чија изградба биле потребни неверојатни 600 години. Изградбата почнала во 1386-та, а беше целосно завршена дури во 1965-та година.
Дуомо е петтата најголема катедрала во светот, но и најголемата катедрала на територијата на Италија.
Бразилска катедрала, Бразилија
Модернистичката катедрала во Бразилија, Бразил е релативно нова и е изградена во периодот 1958-1970. Градбата е направена од армиран бетон, а стаклениот покрив е дизајниран така што им овозможува на верниците поглед кон небото, односно рајот, според верувањата.
Од 1987-ма катедралата се наоѓа на листата на УНЕСКО за светски културни наследства.
Катедрала Свети Павле (Св. Паул), Лондон
На околу 300 метри од реката Темза во Лондон се наоѓа катедралата Свети Павле, која е трета по големина во светот.
Изградбата започнала во 1669-та година, после големиот пожар во Лондон кој уништил над 13.000 куќи, како и старата катедрала Свети Павле. Новата катедрала се наоѓа на истото место како и старата и е една од најпознатите туристички атракции во градот.